За државава, зголемувањето на енергетската ефикасност во градежниот сектор е еден од највисоките приоритети на националната климатска агенда и иако земјава го постигнала своето национално ниво од 30,5% за користење обновливи извори на греење и ладење, преостанува потреба за насочени технолошки надградби за да се намали употребата на застарени системи со биомаса.
Ова го изјави денеска министерката за енергетика Сања Божиновска на панел-дискусијата „Патот кон нула-енергетски згради во поширокиот Балкански регион“, која се одржува во рамки на климатскиот самит COP29 во Баку, Азербејџан.
Таа, како што соопшти од Министерството, ги нагласи заложбите на државава за подобрување на енергетската ефикасност преку Законот за енергетска ефикасност, кој предвидува долгорочна стратегија за реновирање на зградите во период од најмалку 10 години.
– Нашиот пристап вклучува нови градби и реновирање на постојниот градежен фонд. Според Законот за енергетска ефикасност, обврзани сме да развиеме стратегија за реновирање на згради со најмалку десетгодишен период. Оваа стратегија бара годишно реновирање на најмалку 1% од вкупната површина на јавни згради, со што се обезбедува усогласеност со минималните стандарди за енергетска ефикасност – рече Божиновска.
Остварувањето на овие цели, додаде таа, зависи од целосната операционализација на Фондот за енергетска ефикасност, што е клучен за финансирање на проектите и реновирањето.
– Целосната операционализација на Фондот за енергетска ефикасност е приоритет за остварување на амбициите на Македонија во однос на иницијативата за нула-енергетски згради (NZEB)30. Веруваме дека овој фонд ќе игра клучна улога во финансирањето на долгорочната стратегија за реновирање, особено за реновирање на јавни и станбени објекти со цел да се постигнат подобри енергетски перформанси. Македонија останува решена да ја зголеми енергетската ефикасност како клучен столб на својата климатска стратегија. Преку регионални и меѓународни соработки, активно работиме на исполнување на целите поставени во Патоказот на UNDP и Парискиот договор. Со зајакнување на енергетските перформанси на градежниот сектор, придонесуваме кон економски бенефит, енергетска сигурност и почиста животна средина – рече Божиновска.
Таа се осврна и на состојбата во регионот кој има застарена енергетска инфраструктура и значителна зависност од увезени фосилни горива, се соочуваме со опипливи последици од климатските промени: зголемени температури, зголемена енергетска сиромаштија и притисок врз локалните економии и заедници.
– Градежниот сектор, кој учествува со над 40% од вкупната потрошувачка на енергија во регионот, но претставува и предизвик и извонредна можност за трансформативни промени. Усогласувањето со Европската Унија преку Директивата за енергетски перформанси на зградите е од витално значење за нашата интеграција со зелената транзиција на Европа и за енергетска отпорност. За многумина во регионот, почетните трошоци за енергетски ефикасни технологии остануваат значителна бариера, додека недостигот од хармонизирани стандарди и механизми за спроведување на NZEB претставува дополнителен предизвик. Иако е постигнат значителен напредок, за да се постигне целосна усогласеност со NZEB стандардите, потребно е да се зајакнат регулаторните рамки и да се воспостават поцврсти институционални механизми – рече Божиновска.
Самитот COP29, што се одржува од 10 до 15 ноември, ги обединува светските лидери, експерти и претставници на влади со цел да ги засилат глобалните акции за климатска заштита.