More

    ПЛУКНИ-ЗАЛЕПИ И СО НАЛЕПНИЦИТЕ СО НОВАТА ОЗНАКА „НМК“

    spot_img

    Новата национална ознака „НМК“, која е задолжителна на регистарските таблички од 12 февруари следната година, сè уште ги вознемирува и ги револтира граѓаните и компаниите. Налепниците кои ги најави владата, како замена за вадењето нови регистарски таблички со новата национална ознака, за да им олесни на компаниите и граѓаните, сè уште не се во употреба, а роковите наближуваат.

    Граѓаните и компаниите се чувствуваат излажани, а од МВР најавуваат дека до крајот на годината овие налепници ќе ги пуштат во употреба, но не кажуваат дали за нив ќе се плаќа, која ќе биде нивната цена и каде ќе можат да се набават.

    Министерството за внатрешни работи на 29 мај донесе одлука за измена на Правилникот со кој се регулира прашањето на формата и содржината на регистарските таблички со кој се овозможи националната ознака да се промени со налепница. Измените стапија на сила на 5 јули годинава, но нема информации дека за изготвување на налепниците е распишан тендер и избрана компанија која ќе ги изработува.

    Граѓаните и транспортерите се жалат дека владата калкулира со набавката на налепниците за да ги потроши регистарските таблички со новата ознака, а периодот од еден месец за да ги набават ќе им биде пеколен пред шалтерите.

    Транспортерите и автобуските превозници кои ги бараа налепниците за да не заменуваат низа документи поради промената на бројот на регистарската табличка со замената, очекуваат процесот да оди брзо и организирано, за да не бидат доведени во состојба поради налепницата да не можат да излезат од државата по 12 февруари.

    – Ќе треба да го искористиме периодот по издавањето на налепниците и навреме да ја завршиме постапката за сите возила. Ако има проблеми при набавката, што е практика во земјава, и ако евентуално подоцна се пуштат во употреба ќе биде тешко за нас по 12 февруари. По овој датум ќе имаме проблеми да се движиме надвор од земјата што повлекува и нови трошоци и загуби поради нереализиран превоз. Затоа е потребно евентуално да се одреди и одлагање по 12 февруари. Се надеваме дека процесот ќе биде добро организиран и ќе оди брзо, бидејќи дел од компаниите ги заменија табличките – вели Билјана Муратовска од „Макамтранс“.

    И туристичките агенции кои имаат организиран автобуски превоз велат дека процесот на издавање на налепниците за регистарските таблички треба да почне порано за да може да се заврши навреме постапката.

    – За туристичките агенциите кои имаат еден до 2 автобуси веројатно брзо ќе се заврши постапката на обезбедување налепници, но што ако до рокот не се заврши постапката, не по наша вина, туку како резултат на тоа што државата доцни со издавање на налепниците. Тогаш ќе треба да се утврди време до кое ќе треба да се реализира оваа активност – вели Дончо Нацевски од агенцијата „Арботравел“.

    Превозниците бараа замената на регистарските таблички во одреден период да се направи со налепници, бидејќи со новите регистарски таблички би требало да се замени целокупната документација за камионите, приколките и полуприколките за кои се потребни месеци, а додека се завршат постапките камионите или автобусите треба да бидат гаражирани. Тоа, како што велат, би значело големи загуби за нив.

    Нацевски повторно го актуализира и проблемот на агенциите кои имаат сопствен превоз со замената на личните документи бидејќи дел од возачите сè уште не добиле термини за нивна замена, а тоа како што вели е поврзано и со замената на нивните лиценци за возење во странство.

    – Закажувањето оди тешко. Има возачи кои сè уште не добиле термини за промена на документите. Може да се случи да ги добијат по 12 февруари. Како ќе возат тие. Ќе треба да се одложат турите или да се ангажираат дополнителни автобуси или заменат возачите што секако е проблем, ако сакаме да ги почитуваме законите. Сето тоа ќе се одрази врз работата на агенциите. Процесот на замена на документите е посложен бидејќи со личните карти или пасошите се поврзани и лиценците на возачите за излегување од државава, а се поврзани и повеќе други документи кои дополнително треба да се заменат за што пак треба време – вели Нацевски.

    Од МВР велат дека налепниците со новата национална ознака за регистарските таблички ќе ги пуштат во употреба до крајот на годината.

    – Ве известуваме дека истите ќе бидат пуштени во употреба до крајот на оваа година, а обврската за користење почнува од февруари наредната година. Согласно правилникот за изменување и дополнување на правилникот за формата и содржината на образецот на барањето за издавање на пробните таблици, формата и содржината на регистарските таблици и на пробните таблици на возилата како и начинот и постапката на нивно издавање не е предвиден рок на траење на налепниците – велат од МВР.

    Оттаму не ни одговорија на прашањето дали за овие налепници ќе се плаќа некаков надоместок и колку ќе чинат, ниту, пак, информираа дека за новиот начин на означување на регистарските таблички се информирани Грција и Европската унија за да немаат проблем сопствениците на возила кога излегуваат од државата.

    Според изменетиот правилник за формата и содржината на регистарските таблички налепницата со националната ознака „НМК“ ќе биде поставена на сите возила на чии регистарски таблички сега стои ознаката „МК“, на возилата кои поседуваат стари регистарски таблички без ознаката „МК“, како и возилата кои досега немале национални ознаки. Тие пред регистрационото подрачје ќе треба да залепат налепница со испишана национална ознака „НМК“.

    Измените предвидуваат сопствениците на возилата да изберат една од двете можности, а тоа е да ги заменат регистарските таблички кои чинат од 1200 до 1300 денари зависно од обликот или на регистарските таблички да залепат налепница со националната ознака „НМК“.

    Граѓаните најдоцна до 12 февруари 2024 треба да ги променат регистарските таблички и на нив да има ознака „НМК“ наместо досегашната „МК“, што е обврска која произлегува од Преспанскиот договор. Македонија на 17 јуни 2018 потпиша договор со соседна Грција за промена на името во Република Северна Македонија, во кој стои дека 5 години по неговото потпишување треба да се променат личните документи со новото име и да се примени новата национална ознака на регистарските таблички. Договорот стапи на сила на 12 февруари 2019 година, што значи дека личните документи, патните исправи и регистарските таблички треба да бидат сменети до 12 февруари 2024 година.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img