Драстичниот скок на цената на горивата ги натера скопските таксисти да почнат да размислуваат дали и колку да ја покачат цената на такси-услугите, а тоа да не предизвика драстично намалување на муштериите.
Плусинфо дознава дека раководствата на најголемиот дел од такси-компаниите во вторникот одржале состанок на кој било предложено новото поскапување, но наместо едногласно прифаќање или одбивање на идејата, таму се случило нешто многу поинтересно: таксистите се поделиле во две групи. Првите, кои управуваат возила на бензин или на нафта (литро гориво чини над 100 денари), прифаќале зголемување на цените на услугите, а вторите, кои управуваат со возила на плин (литро плин чини околу 50 денари), одбивале промена на цените на такси-услугите оти сметаат дека на тој начин ќе ги загубат муштериите.
Такси-возач од компанијата „Вардар“, чие возило користи дизел гориво, објаснува дека со новите цени на горивото потребно е минимум 12 часа работење во текот на денот за да се заработат чисти 600 денари.
– Порано се знаеше, полнам нафта за 500 денари и возам 100 километри без проблем. Но, сега, полнам нафта за 1.000 денари и едвај возам 120 километри. Гледате ли колкава е разликата? А да не зборувам за другите трошоци во денот. На пример, за користење на возилото секојдневно плаќам по 800 денари. Исто толку пари одвојувам и за такси-компанијата која ми ја обезбедува диспечер. Значи, тоа се 2.600 денари само за гориво и за трошоци во еден ден, па практично не ми се исплати да си одам дома без да заработам најмалку 3.200 денари. А за да заработам 3.200 денари потребно е да работам најмалку 12 часа во денот. Многу е тешко. Сметам дека зголемувањето на цените на такси-услугите барем малку ќе нѐ врати во живот – ни изјави таксист од компанијата „Вардар“, задолжен за возилото со број 122.
Најавеното поскапување на такси-услугите не е преголемо за да ги одврати муштериите, додава тој.
– Во моментов, почетната цена изнесува 40 денари, а предложено е таа да изнесува 50 денари во иднина. Исто така, цената за еден поминат километар сега чини 25 денари, а предложено е да се зголеми на 30 денари. Цената на чекање сега е 5 денари по минута, а треба да биде 7 денари. Не е некоја голема разлика, ама ете, некои такси-компании се противат само затоа што нивните возила користат плин и сметаат дека со зголемувањето на цените ќе ги загубат муштериите, но тоа не може да се случи. На состанокот долго време се расправале, а на крајот самите такси компании се поделиле во две групи: плинаши и дизелаши. Што да ви кажам, смешна работа – ни раскажа таксистот.
Сегашната цена на такси-услугите не е сменета цели 11 години, а знаете колку пати досега се зголемуваше цената на горивата.
Претседател на Групацијата на автотакси превоз на Град Скопје.
Сашо Рајчановски, претседател на Групацијата на автотакси превоз на Град Скопје, пак, во изјава за Плусинфо вели дека сите таксисти – и плинашите и дизелашите – веќе си легнале на брашното и прифатиле поскапување на такси-услугите.
– Точно е дека имавме средба и на таа средба присуствуваа такси-компании, присуствуваа и три-четири здруженија од Асоцијацијата на легални таксисти, присуствуваа и претставници од Синдикатот на такси-превозници, како и од Групацијата на автотакси превоз. На тој состанок ја договаравме новата цена на такси-услугите, бидејќи сегашната цена не е сменета цели 11 години, а знаете колку пати досега се зголемуваше цената на горивата. Имаше предлози од едни, од втори, од трети, а единствени бевме околу предлогот километарот да чини 30 денари, додека за почетната цена се водеше дебата дали да изнесува 50 или 60 денари. Сепак, мнозинството на крајот одлучи стартот да изнесува 50 денари. Едногласно прифативме и уште следниот ден поднесовме барање до Град Скопје, па сега чекаме тоа да биде одобрено на следната седница на Советот на Град Скопје – објасни Рајчановски.