Хрватска ќе обезбеди уште пет милиони евра за деминирање на Украина, објави во средата премиерот Андреј Пленковиќ на отворањето на Меѓународната донаторска конференција за деминирање на земјата погодена од војната, за која премиерот Денис Шмихал рече дека е потенцијално 30 отсто под мини.
„Владата утре ќе донесе одлука за дополнителни пет милиони евра, што е придонес на Хрватска како домаќин на Меѓународната конференција за деминирање на Украина“, рече Пленковиќ.
Премиерот потсети дека Хрватска има искуство во деминирање бидејќи „исто како и Украина, беше жртва на агресија“, а процесот на деминирање на Хрватска трае со децении, па и Украина треба да се подготви за долгото траење на тој процес.
„Хрватска целосно ќе го заврши процесот на деминирање во пролетта 2026 година, 31 година подоцна“, нагласи тој.
Покрај финансиските средства, Хрватска ќе го искористи своето искуство за да и помогне на Украина и во деминирањето и во гонењето на воените злосторства, додаде премиерот.
Министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ и украинската министерка за економија Јулија Свириденко во вторникот веќе го потпишаа Договорот за соработка во областа на мини, со цел да се ублажат социоекономските, безбедносните, еколошките и другите последици кои произлегуваат од опасноста од експлозивни остатоци од војната.
Украинскиот премиер Денис Шмихал го започна своето обраќање преку видео врска велејќи дека Хрватска, како земја која закрепна од војната, е инспирација за Украина и и дава „сила и самодоверба за иднината“.
Украинскиот премиер изјави дека денеска потенцијално 30 отсто од украинската територија е под мини, односно 174 илјади квадратни метри, што е трипати повеќе од хрватската територија.
6 милиони луѓе се загрозени од мини, од кои 250 веќе загинаа, а 500 се повредени, рече Шмихал.
Тој предупреди дека експертите предвидуваат дека би можеле да загинат до 10.000 луѓе, а Светска банка проценува дека деминирањето ќе чини повеќе од 37 милијарди долари.
Украина во моментов има околу три илјади пиротехничари и 29 возила за деминирање, посочи тој.
„Јасно е дека тоа не е доволно. Ако остане како што е, ќе ни требаат децении да ја деминираме земјата“, рече Шмихал, додавајќи дека државите и меѓународните организации донирале околу 300 милиони долари.
За процесот на деминирање, Киев бара иновативни технологии за далечинско испитување на теренот со цел да се обнови земјоделскиот сектор што е можно поскоро и што е можно повеќе опрема за деминирање.
Комесарот на Европската комисија за животна средина, океани и рибарство Вирџинијус Синкевичиус потсети дека ЕК обезбедила повеќе од 43 милиони евра за Украина во последната година и половина и дека ЕУ и нејзините земји членки и помагаат на Украина во деминирање со повеќе од 110 милиони евра.