Синдикатите и владата не можат да се договорат како да растат платите во јавниот сектор, додека не стапи во сила ново системско решение, за кое во моментов се преговара во Економско-социјалниот совет и кое би требало да почна да се применува од 2025 година.
Синдикатите се залагаат дотогаш зголемувањето на платите да биде исто и за вработените и за функционерите. За таа цел, тие предлагаат платите на функционерите во меѓувреме или да се замрзнат или да се вратат на нивото од пред одлуката на Уставниот суд, по која им се зголемија за 78%. Владата, пак, е изненадена од новите предлози на синдикатите и нема одговор.
Експерти и економисти велат дека предлогот на синдикатот е добар и треба да се прифати. Тие потсетуваат дека Владата уште пред 4 месеци најави амортизација на високиот пораст на платите на функционерите, кој настана по одлуката на Уставниот суд.
Синдикатите предлагаат во транзицискиот период од 2 години , платите да растат според еден од трите параметрите, како основен: инфлација од 14, 2%, пораст на минимална плата од 12,5% или според порастот на просечна бруто-плата за ланската година од 10, 9%.
– Како синдикати не смееме да дозволиме функционерите да добијат второ зголемување на платите за годинава. Предложивме да се утврди основниот параметар со кој ќе се зголемат платите во јавниот сектор во транзицискиот период од две години и тој да биде ист од најниската категорија на работно место до највисоката, претседател на државата, и сите да добиеме процентуално зголемување на платите. Но, притоа е важно платите на функционерите да се замрзнат до примената на новата методологија на пресметка на платите или да се вратат на нивото од пред одлуката на Уставниот суд. Да појаснам, ние не сакаме да им ги намалиме платите на функционерите, туку да не го изгубиме процентот на зголемување на платите на работниците за периодот на транзицијата, кој според наши пресметки треба да биде 60% – вели претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.
Ако нема замрзнување ќе има „последици за владата“?
Според неговите пресметки, доколку функционерите утре се откажат од зголемувањето од 78% секој вработен во јавниот сектор би добил по 1.500 во нето на неговата сметка, ако тие пари би се трансферирале во плати на вработените во јавниот сектор.
Трендафилов ја предупредува владата на „последици“ доколку не прифати платите на функционерите да се замрзнат или да се вратат на нивото пред одлуката на Уставниот суд
– Ние, како синдикати, нема да му ја објаснуваме таа постапка на владата на работникот, туку ќе оставиме тоа владата сама да му го објасни. Па нека повелат и нека им објаснат на работниците кои се крајно незадоволни од порастот на платите на функционерите во време кога работникот едвај преживува – вели Трендафилов.
Експерти велат дека синдикатите ѝ дале добар предлог на владата, со кој може да се амортизира ударот кој беше предизвикан од одлуката на Уставниот суд, со која се зголемија платите на функционерите за високи 78%.
– Владата, уште при донесувањето на одлуката на Уставниот суд, рече дека е изненадена и дека ќе најде начин како да го амортизира ударот од високото зголемување на платите на функционерите по одлуката на Уставниот суд. Веќе 4 месеци размислува за тоа, но не најде решение, па еве може да го искористи овој предлог на синдикатите за да го постигне тоа. Познато е дека и функционерите и останатиот јавен сектор земаат плата од истиот извор на финансирање – буџетот и за сите треба да важат истите правила, што веќе е кажано и прифатено. Значи, потребно е усогласување на правилата и платите – вели професор Здравко Савевски.
Економистот Маријанчо Николов смета дека годинава функционерите веќе ја имаат зголемено платата согласно одлуката на Уставниот суд и нема простор за повторно зголемување, но смета дека проблемот со платите треба системски да се реши со јасни правила кои нема да предизвикуваат проблем и разноликост при пресметките на платите.
– До примената на новата методологија на пресметка на платите важат актуелните и усогласувањето на платите треба да се направи според тоа. Ако се гледа зголемувањето на платите на функционерите според Законот за плати на избрани и именувани лица, тогаш нивните плати се усогласуваат еднаш годишно со просечната месечна плата, пресметана од Државниот завод за статистика и тоа се применува еднаш годишно. Според тоа, нема простор платите на функционерите годинава да пораснат уште еднаш и логично е барањето на синдикатите во тој однос. Дали ќе се вратат функционерските плати, не можам да кажам, но мислам дека многу е важно новите решенија да имаат јасни дефиниции на поимите за да не се доведуваат во заблуда оние кои треба да ги применуваат, односно тие што да ги пресметуваат платите. Сега имаме состојба според која основот за пресметка на платата, односно на надоместоците за советниците во локалите самоуправи, не се знае дали е просечна нето или бруто-плата и имаме пресметки по општини, кој како го сфатил основот – вели Николов.
Од владата изминатите два дена избегнуваат да одговорат на прашањето дали ќе ги вратат платите на функционерите на нивото од пред одлуката на Уставниот суд и повторно се повикуваат на системското решение за кое се преговара.
Министрите не слушнале за замрзнување на платите?
До решение ќе дојдеме преку дијалог, ќе дискутираме, прв пат е даден на маса таков предлог.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи смета дека во моментов на маса не е прашањето за платите на функционерите.
– Секако, решението што ќе го дадеме ќе биде аплицирано за сите, а што е тоа, ќе можеме да го кажеме кога ќе го постигнеме преку дијалог. Преку дијалог ќе дискутираме, прв пат е даден на маса таков предлог. Треба да видиме што значи тоа вистински. Има институции кои немаат синдикати и треба сеопфатно да се дискутира дали и каков модел би требало да аплицираме – рече Битиќи.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, пак, рече дека во преговорите за зголемување на платите во јавниот сектор досега не се разговарало за 14 отсто. Таа рече и дека дел од вработените во јавниот сектор веќе добиле зголемување на платите.
– Јас не знам од каде 14 отсто кога досега не се разговараше за 14%. Се разговара за систем за плати којшто ќе одговара на сите, да не заборавиме дека платите на дел од државните службеници беа зголемени во март за 2.175 денари, тоа зависно, кај некој е 7-8%, кај некој е дури и 16%. Сега во моментов се разговара во рамки на Економско-социјалниот совет да се најде системско решение. Се работи да најдеме систем кој ќе биде во ред и за синдикатите и за работодавачите, односно и за владата и за сите – рече Тренчевска.
Каков епилог ќе има од преговорите на владата и синдикатите во врска со зголемувањето на платите, односно усогласувањето на платите на вработените во јавниот сектор до почетокот на примената на новата методологија на платите во јавниот сектор, ќе се знае во наредниот период. Во текот на наредните денови продолжуваат преговорите во економско-социјалниот совет.