Германскиот министер за одбрана Борис Писториус во последната анкета го надмина не само актуелниот премиер Олаф Шолц, туку и лидерот на опозицијата Фридрих Мерц во однос на поддршката за функцијата канцелар. Анкетата ја спроведе Институтот за истражување на јавното мислење „Форса“, пишува „Билд“.
Како што се наведува, 39% од испитаниците би сакале Писториус да биде канцелар, а лидерот на опозициската Христијанско-демократска унија Мерц го поддржале 25 отсто од нив, пренесува „Билд“.
Меѓу поддржувачите на ЦДУ/ЦСУ, Писториус ужива поддршка од 22% од анкетираните.
Меѓу приврзаниците на Социјалдемократската партија на Германија, 58% од испитаниците би сакале да го видат актуелниот министер за одбрана како кандидат за канцелар, додека 30% го поддржуваат Шолц.
Само 13 отсто од сите гласачи со право на глас сметаат дека Шолц треба да биде кандидат на неговата партија за канцелар на претстојните избори.