„Северна Македонија, денеска е земја-членка на НАТО и ние заедно со Соединетите Американски Држави стоиме рамо-до-рамо во справувањето со заедничките безбедносни предизвици. Минатата година САД ни дадоа огромна поддршка која не беше само финансиска. Разменувавме знаење и искуство, вежбавме и се обучувавме заедно и ние сме горди што заедно придонесуваме кон безбедноста на НАТО и на регионот“, рече министерката Петровска на состанокот.
„Северна Македонија, порача американскиот секретар за одбрана Остин, е долгогодишен и одличен пријател на САД со кого споделуваме исти интереси и вредности. Горд сум што имаме долгорочно и силно билатерално партнерство“, рече Остин и додаде дека патоказот за соработката во следните 10 години покажува дека можеме да работиме заедно на модернизацијата и заедно да се носиме со глобалните предизвици“.
Во однос на руската агресија врз Украина, министерката Петровска порача дека Северна Македонија од самиот почеток ја осуди оваа неиспровоцирана и неоправдана инвазија и додаде дека нашата поддршка за Украина не е само политичка, туку е и во донации на воена опрема.
Секретарот за одбрана Остин, пак, изрази благодарност за сето она што Северна Македонија го направи во поддршка на украинскиот народ, за зацврстувањето на источното крило на Алијансата преку учеството во мултинационалните сили на НАТО во Латвија, Бугарија и Романија, како и за безбедноста на регионот преку учеството во НАТО мисијата на Косово, КФОР.
На средбата стана збор и за европските интеграции на земјите од Западниот Балкан, при што министерката Петровска и секретарот за одбрана Остин заклучија дека потребни се брзи чекори напред и јасен сигнал дека процесот се движи кон главната цел – членство во Унијата.