На детското одделение во прилепската градска болница се лекува петмесечно бебе со голема кашлица. Според Центарот за јавно здравје, бебето од селото Житоше, општина Долнени, имало примено прва доза вакцина, а родителите се загрижиле кога почнало нетипично да кашла, повраќало и помодрело.
– Бебето во моментов прима соодветна терапија и е во добра општа здравствена состојба. Симптомите кај детето со кашлица и повраќање се јавиле околу 13-ти овој месец, неколку дена откако примило прва вакцина за пертусис. Веднаш било донесено на детското одделение во прилепската болница каде е хоспитализирано. Поради карактеристичните симптоми, лекарите веднаш се посомневале дека станува збор за голема кашлица. Нè алармираа и од тие причини е побарано да се направи лабораториска дијагностика. Веднаш е дадена антибиотска терапија и детето е во општа добра состојба. Ова дете има примено една доза вакцина неколку дена пред појавата на симптомите. Значи во периодот кога детето ја добило вакцината се наоѓало во инкубација на болеста – изјави Татијана Мургоска Станимировиќ, епидемиолог во Центарот за јавно здравје од Прилеп.
Од Центарот за јавно здравје веднаш почнале со епидемиолошкото истражување, посебно кај возрасните и другите лица кои имале контакт со бебето и за нивниот вакцинален статус.
Ова е втор случај на пертусис од Прилепскиот регион. Пред еден месец е констатиран кај уште едно петмесечно бебе од долненското село Дебреште, но тоа било со лесни симптоми и веќе е оздравено. И тоа бебе имало примено прва доза вакцина.
Според епидемиологот Татијана Мургоска Станимировиќ, ситуацијата будно се следи во Регионот и не се смета дека ќе се разниша епидемиолошката состојба.
– Со оглед на тоа дека кај нас опфатот, всушност, на сите видови вакцини, е висок, а се водеше кампања да се вакцинираат и најголемиот дел од пропуштените вакцини, кај нас не очекуваме некоја подраматична слика. Секако дека ќе има спорадични, односно изолирани случаи, но сега-засега не очекуваме нешто подраматично да се случува – вели Мургоска Станимировиќ.
Опфатот на вакцинирани во Прилеп е преку 90 проценти. Од диспанзерот за вакцинација почнаа теренска посета за вакцинирање во пресрет на неделата за имунизација.