Причините резултати добиени од серолошкото тестирање во Скопје кај 920 лица покажаа солиден имунитет на коронавирусот, истакна претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Александар Петличковски.
– Податоците укажуваат на многу солиден имунитет врз основа на вакцинација, над 85 проценти од вакцинираните индивидуи имаат некаков имунитет кон ковид. Не можеме да зборуваме за ефикасноста на имунитетот, но го детектиравме дека постои. Од тие 920 лица, 170 индивидуи беа невакцинирани, а и кај нив се сретнува над 70 проценти серопозитивност, односно и таму има солиден просек на имунитет – вели д-р Петличковски.
Засега нема конкретен број на концентрација на антитела со која се гарантира дека некое лице ќе биде заштитено од ковид-19, па поради тоа добиените резултати се толкуваат дали едно лице има или нема имунитет.
– Сакам да ја споменам изјавата на Дејан Трајковски кој ги следи движењата со епидемијата и многу убаво дефинира: Ако сите луѓе беа вакцинирани наместо 9.000 умрени од ковид-10 денес ќе имавме барем 3.000 помалку. Сакам да кажам и да биде јасно, ние и така ќе стигнеме до колективен имунитет, но плаќаме превисока цена – овие 3.000 луѓе кои умреа заради ковид. Доколку беа вакцинирани не мораше да умрат. Секако имунитетот после прележана болест има своето место во денешната состојба, но за жал цената е таа – 3.000 непотребни мртви – рече д-р Петличковски.
На следната седница на Комисијата ќе бидат разгледани овие податоци во однос на тоа колку можат да бидат применети во насока на олабавување на рестриктивните мерките против ковид-19.
– Олабавувањето на мерките најпаметно е да зависи од комбинирани повеќе индикатори како што е во повеќе западни земји. Се земаат предвид вакцинираните со две, три дози, прележаните по природен пат, исполнетоста на капацитетите, на леглата во интензивна нега, процентот на позитивни на дневна основа и трендот во неколку недели наназад и од сите параметри излегува просек за епидемиолошката основа во моментот – рече д-р Петличковски.
Според него, пандемијата не е завршена, но трендот е многу добар. Во последните четири недели од извештаите на Институтот за јавно здравје може да се забележи намалување на сите параметри.
– Имаме намалување на бројот на позитивни случаи, имаме намалување на бројот на хоспитализирани, имаме намалување на бројот на починати заразени од ковид и се на сè одиме во добра насока – вели Петличковски.