Бугарскиот премиер, Кирил Петков, за време на посетата на САД беше примен од потпретседателката Камала Харис. Како што јави дописникот на МИА од Софија, Петков договорил реални испораки на течен природен гас за Бугарија по цени пониски од оние на руската компанија „Газпром“ од месец јуни годинава.
Петков и Харис разговараа и за стратешкото партнерство меѓу Софија и Вашингтон и за можностите за продлабочување на соработката во интерес на двете земји. Бугарскиот премиер посочи дека ова што се случува во Европа е јасен знак за потребата од забрзани и реални мерки во енергетската сфера.
Потпретседателката Камала Харис ѝ честиташе на Бугарија за решителните активности што ги презеде за да го одбрани нејзиниот енергетски суверенитет. Бугарскиот премиер од своја страна посочи дека партнерството меѓу Софија и Вашингтон е важен дел од постигнувањето на бугарската гасна независност, заедно со солидарноста на ЕУ.
Петков во Стејт департментот разговараше и со американскиот државен секретар Ентони Блинкон. Двајцата разговараа за партнерство со САД за енергетска диверзификација на Бугарија и регионот на Западен Балкан. Двајцата разговараа за модернизација на бугарските вооружени сили, како и за стабилноста и развојот на Западен Балкан.