Пет компании, се јавиле на тендерот на Номагас за избор на изведувач на градежни работи за изградба на гасоводот за интерконекција помеѓу Македонија и Грција кој заврши вчера, соопшти компанијата.
Меѓу пристигнатите понуди една е од домашна компанија, две се од италијански компании и по една понуда од компании од Турција и Србија.
Тендерската постапка беше отворена, а компанијата која ќе биде избрана ќе има рок од 2 години за изградба на македонскиот дел од интерконекторот, во должина од 67 километри.
Од компанијата наведуваат дека се очекува до крајот на годината да биде финализиран изборот, како и потпишувањето на потребните договори, со компанијата која ќе ги изведува градежните работи, со што, според очекувањата, изградбата ќе започне напролет.
Парите за изградба на интерконекторот се обезбедени преку кредити и грантови од меѓународни финансиски институции, меѓу кои Европската инвестициска банка (28,9 милиони евра), Европската банка за обнова и развој (44 милиони евра), инвестициски грант преку ВБИФ (9,9 милиони евра), како и техничка помош (100% грант) преку програмата ВБИФ за надзор, инспекциско тело и административна помош за Номагас.
Гасоводот ќе овозможи не само транспорт на природен гас, туку и водород, со што ќе се придонесе кон транзицијата кон зелена енергија и исполнување на европските стандарди.