Русија многу внимателно ќе ги следи воените вежби „Платинест волк“ што Србија ги изведува со САД и со 10 други земји, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, јави дописникот на МИА од Белград.
Според него, не престануваат притисоците врз Белград да усвои антируски став.
– Постои постојан обид Србија да се привлече на страната на оние кои имаат антирускиот став. Знаеме дека Белград е под огромен притисок, притисок без преседан – заклучи портпаролот на Кремљ, пренесуваат руските медиуми.
Како што соопштија српските медиуми, војската на Србија годинава ќе одржи воена вежба „Платинест волк“ со припадниците на американската војска и западните партнери, со што ќе се прекине мораториумот за учество на билатерални и мултилатерални вежби со сите партнери, воведен по војната во Украина.
Активирањето на меѓународните воени вежби на 23 март го спомена и високиот советник на американскиот Стејт департмент, Дерек Шоле, кога на Твитер му се заблагодари на српскиот претседател Александар Вучиќ за неговиот конструктивен ангажман во Охрид, но и за „повторниот ангажман со САД во одбранбените воени вежби“ со натпис „# PlatinumWolf“.
Од Министерството за одбрана на Република Србија за медиумите потврдија дека во Србија ќе се одржи воената вежба „Платинест волк 23“, како и дека припадниците на вооружените сили ќе тренираат со војниците на НАТО и нивните сојузници.
Меѓународната тактичка вежба „Платинумски волк 23“ ќе се одржи од 16 до 30 јуни 2023 година во рбија заедно со неколку земји партнери со кои српските вооружени сили учествуваат во мултинационални операции. Целта на оваа вежба е одржување на постигнато ниво на интероперабилност на единиците на вооружените сили на Србија за учество во мултинационални операции.
Од Министерството за одбрана потенцираат дека мораториумот на меѓународните воени вежби се уште трае, а дека оваа вежба со НАТО е исклучок.
„Платински волк“ е вежба која се изведува во Србија од 2014 година со идеја, покрај непосредна подготовка за учество во мултинационални операции, да го стимулира развојот на базата „Југ“ како регионален центар за обука.