Западните земји меѓусебно се натпреваруваат за преземање чекори против Русија, но им снемуваат мерки за притисок врз Москва, оцени денеска портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.
Портпаролот Кремљ ја коментираше и можната забрана за издавање шенген визи за Русите.
– Гледаме дека земјите од ЕУ и Северна Америка буквално се натпреваруваат една со друга во преземањето непријателски мерки против Русија. Но, гледаме и дека им снемуваат мерки кои очекуваат да нè притиснат и да нè принудат да го смениме ставот, иако тоа е погрешно мислење – посочи Песков.
Тој истакна дека Москва ќе реагира многу негативно и ќе преземе мерки во случај Финска да го ограничи издавањето визи за Русите, но дополни дека Русија се надева дека таквата иницијатива нема да се спроведе.
– Руската реакција ќе биде негативна. Колку што разбравме, досега оваа идеја не е имплементирана, да се надеваме дека и така ќе остане, но, се разбира, какви било такви активности во однос на руските граѓани ќе предизвикаат контрамерки, одговор – категоричен е портпаролот на Кремљ.