Пензионерот од Неготино што загина во сообраќајна несреќа додека патувал за протестот во Скопје, бил прегазен од „голф“.
„Денеска (14.08.2023) околу 09.50 часот во СВР Велес било пријавено дека на автопатот Велес – Скопје, кај зимски пункт Македонија, патничко возило „фолксваген голф“ со романски национални ознаки, управувано од Д.С.Ц.(41) од Романија, удрило во пешакот Д.С.(77) од Неготино. Од здобиените повреди пешакот Д.С. починал на местото, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Увид на местото извршиле јавен обвинител и екипа од СВР Велес“, потврди МВР.
Оваа информација за МИА ја потврди И Ката Апостолова, од иницијативниот одбор на неготински пензионери.
– За жал, точно е, да. Одејќи кон Скопје, дел од нас побара пауза за тоалет. Застанавме на голем паркинг пред Катланово. Како беше, што беше, изгледа по грешка, мало невнимание, наместо како сите десно, тој тргнал лево и беше удрен од возило на автопатот. Дојдоа брза помош, полиција, обвинител, на лице место беше констатирана смрт. Беше однесен од погребална служба, а ние другите се враќаме назад – рекла Апостолова, нагласувајќи дека сите пензионери се вознемирени по настанот.
Еден автобус пензионери од Неготино денеска тргнал на протест. Оваа фотографија е направена за време на патувањето, пред трагичниот настан.
На протестот на пензионерите за повисоки пензии му беше оддадена почит со едноминутно молчење.
– Министерке дали сакате секој ден да имате мртви пензионери? – рече меѓу другото пензионерка од Неготино.