Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска во Истанбул остварил средба со Неговата Сесветост г.г. Вартоломеј Први, Архиепископ Константинополски на Нов Рим и Вселенски патријарх.
На средбата претседателот Пендаровски искажа благодарност до Вселенскиот Патријарх за посебната улога која ја има во надминувањето на црковниот спор поврзан со нашата црква. Преку неговата одлука од 9 мај 2020 година, денес нашата Црква се наоѓа во канонско единство со другите православни цркви, прифатена како рамноправна со сите останати, се наведува во соопштението од кабинетот на шефот на државата.
На средбата било констатирано дека единствениот пат за добивање на легитимен и целосно прифатен Томос за автокефалност е оној кој го издава Вселенската Патријаршија.
Пендаровски вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј 2
„Поради тоа очекуваме, како држава и Црква од врховното институционално тело во православието, да ни го додели официјалниот документ за црковна самостојност – Томос за автокефалност. Со одлуките на Вселенската Патријаршија на нашата Црква ѝ се признава правото на користење на името Охридска Архиепископија, што значи црковен континуитет од 1000 години. Целосното заокружување на процесот на автокефалност е и од врвен национален интерес, бидејќи отвара можност за ново и духовно растење на Охридската Архиепископија, напредок и помирување во македонското општество и држава“, соопштија од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија.
фото: МИА