Единствениот пат за да се постигне потребното двотретинско мнозинство во Собранието за уставни измени е да разговарате со луѓето од опозицијата и не би сакал да видам каков било друг пристап во постигнувањето на тие две третини, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски на заедничката пресконференција со австрискиот претседател Александар Ван Дер Белен. Тој смета и дека јавната дебата треба во живо да биде пренесувана.
– Ако опозицијата реши да не учествува ни во работната група која ќе биде допрва формирана од Министерството за правда ниту во Комисијата за уставни прашања во Парламентот, значи ни на експертско ни на политичко ниво, како што досега се нивните јавни изјави, јасно е дека и јас да се понудам да ја организирам таа дебата, тие повторно нема да учествуваат. Мислам дека грешат. Ги повикувам да ги кажат своите аргументи. И јас мислам дека таа дебата би требало да биде пренесувана директно, во живо за македонската јавност затоа што да ги соочите аргументите на двете страни, претпоставувам дека и тие ги имаат, ќе видите дека зборуваме за работи кои пред 22 години веќе сме ги направиле – изјави претседателот.
Според Пендаровски не може да има подобра преговарачка рамка од оваа.
– Ако некој може да испреговара подобра преговарачка рамка, јас ќе бидам првиот кој ќе му честита на тоа. Меѓутоа ги уверувам да не се обидуваат тоа да го прават денес, утре, задутре, догодина, затоа што нема да има шанса одново да се преговара една работа која е договорена со 27 земји членки на ЕУ – изјави Пендаровски посочувајќи дека шест месеци е договрана рамката, а дека Франција била само посредник.
За претседателот уставните измени се „бенигна промена која на ниеден начин не ја загрозува македонската сувереност, независност ниту европскиот пат“.
– Ако додадеме три или четири народи кои живеат тука, независно од таа бројка знаете бугарското малцинство е околу 3,5 илјади во Македонија. Сигурно нема државата да пропадне – нагласува претседателот.
Прашан што ќе се случи ако нема две третини во Парламентот, претседателот Пендаровски наваде дека тоа е јасно, бидејќи европската преговарачка рамка вели ако не усвоиме промени на Уставот до крајот на ноември оваа година, ќе бидеме повторно блокирани овојпат со сопствена одлука на патот кон ЕУ.
Прашан во однос на тоа дали се можни нови барања на нашиот европски пат, Пендаровски вели дека е логично прашањето, но оти се надева дека такви работи нема да се случуваат.
– Заради кредибилитетот во регионот и пошироко, ЕУ самата внатре не треба да дозволи која било членка да поставува прашања особено не прашања или да проблематизира нечиј влез кој нема врска со реалните критериуми, вредности и принципи заради кои е формирана и заради кои постои толку децении самата ЕУ како организација. Значи да блокирате држава во однос на идентитетски прашања или во однос на историски прашања, е недозволено и не би требало да биде дозволено во модерна Европа – подвлекува Пендаровски.