Овој чекор е огромна грешка на власта во Скопје, на претседателот Пендаровски и премиерот Ковачевски кои јавно се иницијатори на таквите „црни списоци“, рече бугарскиот европратеник Андреј Ковачев за БТВ по одлуката да не му биде дозволен влез во Македонија.
Според него, потегот бил огромно разочарување и очекува објаснување зошто било направено тоа.
– Прво треба да ги слушнам нивните објаснувања, тие треба да бидат официјални. Во Европскиот парламент се сменија односите, секој пратеник мисли дека треба слободно да патува – вели европратеникот.
Тој уште додава дека со министерот Бујар Османи разговарал пред само неколку дена, и немало навестување за ваква одлука.
– Немаше ни трошка сомнеж или очекување за тоа што ќе следи – коментира тој.
Ковачев смета дека забраната сигурно ќе се одрази на преговорите за членство на Македонија со Европската Унија.
МВР викендов потврди дека на 6 мај околу 11 часот на граничниот премин Ново Село поради неисполнување на условите за влез во Република Македонија, согласно законот за странци, не е дозволен влез на петмина државјани на Република Бугарија.
„Македонската полиција нема да дозволи ниту сега ниту во иднина, никој да го нарушува јавниот ред и мир и да ги навредува и омаловажува граѓаните и државата и нема да биде дозволен влез на такви лица на територија на државата“, соопшти МВР.