Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, кој ќе се бори за втор мандат на изборите на 24 април ги покани неговите шестмина противкандидати на две мастер дебати, кои би се одржале на почетокот и на крајот од изборната кампања, која почнува на 4 април.
Како што брифираа денеска од неговиот Изборен штаб, идејата за двете мастер дебати е искомуницирана со останатите претседателски кандидати, кои засега не ја отфрлиле, но се чека дали конечно ќе ја прифатат. Мастер дебатите, како што велат од Изборниот штаб на Пендаровски би се организирале на неутрален терен, секој од кандидатите би учествувал во организацијата, би ја водел модератор, за кој сите би постигнале согласност, а трошоците би ги поделиле сите.
Секој од кандидатите би имал можност да донесе своја публика, а би биле поканети и претставници на медиумите, при што ќе постои можност да се поставуваат прашања. Мастер дебатите би траеле 180 минути. Од Изборниот штаб на Пендаровски велат дека до среда чекаат конечен одговор дали останатите кандидати ќе се согласат. Мастер дебатите се за сите седуммина кандидати, така што во случај некој да прифати, а некој не, идејата нема да се реализира.
Мастер дебатата ја предлагаат како форма на претставување и соочување со кандидатите со кои би се избегнале или би се намалиле препукувањата и би се отворила можност сите седуммина да се соочат со своите програми за претстојната изборна трка.
Пендаровски на конвенција на 3 април ќе ја промовира програмата со која ќе настапи на претседателските избори, а како што велат од неговиот Изборен штаб, ќе води позитивна, европска и граѓанска кампања.
Планирано е големо присуство на терен и освен поголемите митинзи во градовите, планирани се многубројни средби со граѓани. Кампањата, како што велат од неговиот Изборен штаб е насочена кон граѓаните и таа ќе биде двојазична, на македонски и на албански, а ќе биде вклучен и знаковниот јазик.
Пендаровски во текот на кампањата, како што велат од неговиот Изборен штаб, ќе организира ифтарска и велигденска вечера, на која ќе ги поканите сите учесници во трката за претседателските избори.