Десет мажи, познати сексуални престапници од Велика Британија допатувале во Полска во последните шест недели од руската окупација на Украина, а британските власти сметаат дека нивна цел ќе бидат украинските деца бегалци кои ги има најмалку 5.000 во земјата, пишува Индепендент. Во шокантната сторија сите 10 мажи биле замолени да ја напуштат Полска. Тие патувале под маската дека носат хуманитарна помош.
Националната агенција за криминал во Велика Британија работи на случајот. И останатите педофили треба некако да се одвратат да дојдат во Полска.
– За нас, станува збор за тоа партнерите да станат свесни дека овие осудени детски сексуални престапници се на нивен терен, од очигледни причини – вели портпаролот.
– Има најмалку 5.000 деца без придружба кои се раселени од Украина. Да се осигураме дека тие се безбедни ни е апсолутно најважно -додава тој.
Официјалните лица велат дека осудените педофили треба да го пријават своето криминално досие во земјите што ги посетуваат, но „неизбежно откривме дека не го сториле тоа“. Освен педофилијата, со украинската бегалска криза се појавија и ред други нешта: модерно ропство, трговија со луѓе и организиран имиграциски криминал што ги погодува бегалците.
Полицијата и безбедносните служби се исто така загрижени за потенцијалното „снемување“ на огнено оружје.
Исто така, забележано е зголемување на незаконското финансирање, компјутерскиот криминал и измамите, вклучително и поставувањето на веб-страници за кои се тврди дека се агенции за помош во обид да се земат донации наменети за Украинците.