Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно побара што е можно поскоро и што е можно повеќе модерно оружје и доби ветувања од некои лидери на Европската Унија за испорака на борбени авиони и порака дека патот до пристапување во Унијата ќе биде долг и тежок.
– Потребна ни е артилерија, муниција, модерни тенкови, ракети со долг дострел и модерни борбени авиони. Мораме да ја зголемиме динамиката на нашата соработка и тоа мораме да го направиме побрзо од агресорот кој се обидува да го мобилизира својот потенцијал. Русија има значителни ресурси, кои не само што се опасност за Украина, туку и за Полска, Балтикот и другите земји од соседството на Русија, како и за Балканот – рече Зеленски на прес-конференција во седиштето на Европскиот совет, каде што за првпат лично учествуваше на Самитот на лидерите на ЕУ.
Тој изрази благодарност до европските лидери и рече дека од некои од нив добил ветување дека ќе го испратат потребното оружје, вклучително и борбени авиони.
– Европа ќе биде со нас додека не победиме. Од бројни европски лидери слушнавме за нивната подготвеност да ни го дадат потребното оружје и поддршка, вклучително и авиони – рече Зеленски, но не откри кои земји-членки ќе ѝ дадат борбени авиони на Украина.
Иако Зеленски беше срдечно пречекан и со овации во Брисел, каде што рече дека „слободна Европа е незамислива без слободна Украина“, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, потенцираше дека „патот до членство во ЕУ ќе биде долг и тежок“ за Киев.
– Патот до мирот, обновата и членството ќе биде долг, тежок пат – рече Мишел, додавајќи: „Ние ќе бидеме со вас на секој чекор од патот“.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, на новинарско прашање дали Украина може да ги отвори пристапните преговори со ЕУ оваа година, истакна дека нема „фиксна временска рамка“, туку дека тоа е процес во кој реформите треба да се имплементираат и заеднички да се договорат целите.
– Европската комисија наесен ќе објави извештај за напредокот на сите земји кандидати за членство во ЕУ, а потоа на Советот на ЕУ е да одлучи за следниот чекор во процесот на приближување на Украина кон Унијата. појасни Мишел.
По прес-конференцијата, Зеленски ќе има серија билатерални разговори со лидерите на земјите-членки. – Во овие разговори ќе го поставиме прашањето за борбените авиони и другото оружје, рече тој.
Украинскиот претседател повика на нови санкции против Русија, особено во нуклеарната енергија, дронови, ИТ и ракетниот сектор.