Патниците денеска биле принудени да ги напуштат пероните додека службите за итни случаи во целосни заштитни одела се качиле на возот ICE од Франкфурт, јавува Би-би-си.
Заразениот маж е 26-годишен германски студент по медицина, кој попладнево со својата девојка се качил со возот од Франкфурт за Хамбург. Додека се возеле и двајцата почнале да покажуваат симптоми слични на грип.
– Останува да се види дали навистина биле заразени со вирусот Марбург – изјави портпаролот на противпожарната служба.
Студентот претходно пристигнал со авион од Руанда, каде бил во контакт со пациент на кого подоцна му била дијагностицирана инфекција со вирусот Марбург.
Руанда моментално се соочува со сериозна епидемија, а Министерството за здравство во главниот град Кигали извести дека од минатиот петок починале осум лица, додека вкупно се потврдени 27 случаи на инфекција.
Полицијата денеска ги опколила двата перона, а младата двојка, на која и бил одземен и багажот, била однесена во Универзитетската болница Епендорф (УКЕ) во Хамбург, специјализирана за тропски болести.
„Како дел од контролата на инфекцијата, здравствениот оддел договори полицијата да приведува луѓе на главната железничка станица“, изјавија претставници на областа.
Според германските медиуми, во возот ICE имало околу 200 патници, а полицијата ги снимала нивните податоци за да утврди кој бил во контакт со двајцата евентуално заразени.
Вирусот Марбург предизвикува треска со симптоми како што се конвулзии, крваво повраќање и дијареа. Според СЗО, стапката на смртност е до 88 проценти. Луѓето се инфицираат преку контакт со телесните течности на заразените луѓе.