Партија за движење на Турците – ТХП предупредува дека укинувањето на механизмот балансер не само што ќе биде сериозен удар врз правичната застапеност на немнозинските заедници, туку и сериозно ќе ги наруши меѓуетничките односи.
„Со големо внимание и загриженост ги следиме дискусиите околу укинувањето на механизмот балансер и oдлуката на Уставниот суд да се проверува уставноста на законите кои ја регулираат примената на балансерот како и ставот на судот дека националната припадност не може да е услов за место во администрација. Факт е дека овие одредби имаат важна улога во правичната застапеност на етничките заедници и претставува една од клучните придобивки на Охридскиот рамковен договор. Исто така загрижувачки е што сме сведоци на поларизација на етничка основа во самиот Уставниот суд, кој е еден од најважните столбови на демократијата во нашата држава и треба да биде чувар на правата на сите граѓани“, соопшти Партијата за движење на Турците.
Свесни сме дека во изминатите години балансерот без исклучок беше злоупотребуван од сите етникуми, додава партијата.
„Партија за движење на Турците низ годините јасно и гласно ја нотираше оваа проблематика. Повикувавме и нудевме решенија за подобрување на самите механизми. Но сега, за да се надмине овој проблем, Владата треба да се насочи кон пронаоѓање нов модел кој ќе ги минимизира злоупотребите. Укинувањето на овој механизам не само што ќе биде сериозен удар врз правичната застапеност на немнозинските заедници, туку и сериозно ќе ги наруши меѓуетничките односи“, се вели со соопштението на ТХП.
Партијата додава дека Уставниот суд ја има надлежноста за да ја штити уставноста и законитоста во државата, но не и да ја нарушува самата уставност и ги повикува сите чинители на општеството на непристрасен и разумен пристап кон ова сериозно прашање.