„Генерално, најсуровите (војници) се можеби оние кои се од Русија, но не се од руската традиција, како што се Чеченците, Бурјатите и така натаму“.
Вака одговори Папата Фанциск на прашањето од американски језуитски весник зошто тој не е подготвен директно да ја осуди Русија за војната во Украина, а тој рече дека „добил многу информации за суровоста на војниците“, пишува Би-Би-Си. Папата низ свилени ракавици призна дека „оној што врши инвазија е руската држава“.
Но, неговата изјава за Чеченците и Бурјатите предизвика негодување во Кремљ, кој ја нарече изјавата „перверзија“ со објаснување дека националните групи во Русија се „едно семејство“. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ги осуди коментарите, пишува телевизискиот медиум РТ.
– Ова повеќе не е русофобија, тоа е перверзија на ниво кое не можам ни да го именувам – рече таа.
„Ние сме едно семејство со Бурјатите, Чеченците и други претставници на нашата мултинационална и мултиконфесионална земја“, напиша Захарова подоцна на Телеграм.
Зошто Папата директно не ја осуди руската инвазија?
– Понекогаш се обидувам да не прецизирам за да не навредам и општо да осудувам, иако е добро познато кого осудувам. Не е неопходно да ставам име и презиме. Сите го знаат мојот став, со Путин или без Путин, без да го именувам – изјави тој.
Првиот свештеник на Ватикан исто така рече дека сака да ја одбележи годишнината од гладот Холодомор во Украина нарекувајќи го геноцид и „историски претходник“ на сегашниот конфликт. Се работи за голем глад кој траел од 1932 до 1933 година, предизвикан од колективизацијата на фармите под советскиот диктатор Јосиф Сталин.
Во гладот загинале четири милиони Украинци.