Организацијата Хјуман Рајтс Воч обвинува дека Израел користи муниција со бел фосфор врз цивилни цели во своите воздушни напади врз Појасот Газа и со тоа ги крши хуманистичките конвенции на Меѓународниот комитет на Црвениот Крст кои пропишуваат да се има максимална претпазливост за да се избегнат повреда и смрт на цивилите. Потпалените клинови од филц кои се импрегнирани во белиот фосфор се распрскуваат на 125 до 250 метри во дијаметар и можат да остават трајни повреди и трауми за луѓето кои се во близина. Тие горат на температура од 815 степени, а притоа се испушта чад и многу светлина.
Организацијата тврди дека анaлизирала две снимки од напади снимени во Газа и во Либан на кои може да се види белата боја на фосфорот.
– Секогаш кога белиот фосфор се користи во преполни цивилни области, тоа претставува висок ризик од мачни изгореници и доживотно страдање – рече Лама Факих, директор за Блискиот Исток и Северна Африка во Хјуман рајтс воч.
Белиот фосфор гори сè додека има кислород да го потпалува, односно додека не се исцрпи фосфорот. Ги гори луѓето и термички, но и хемиски, затоа што се раствора во масло, а оттука и во човечко месо. Изгорениците кои ќе ги добијат луѓето можат пак да се потпалат кога тие ќе бидат изложени на кислород. Последицата е дека откажуваат органи од човечкото тело, мускули, а често има и голема психолошка траума.
Во меѓувреме британски Телеграф напиша дека борците на Хамас користеле водоводни цевки за од нив да направат ракети, повикувајќи се на видео од 2021 година каде луѓе ги сечат цевките. Се работи за модерен водовод во кој ЕУ досега вложила 100 милиони евра за проектот, а се обврзала да даде 1,8 милијарди евра до 2024 година, пари кои, според британски Телграф, завршуваат во рацете на Хамас.
Притоа, се вели дека за гориво борците импровизирале со шеќер и ѓубриво од калиум натриум кои ги мешале со комерцијални експлозиви.
На почетокот на војната Хамас истрела дури 5.000 ракети од Појасот Газа, а аналитичарите го поврзаа ова со наводна помош од соседен Иран. Прашањето за зголемената вооруженост на Хамас останува отворено.