Стефан Димковски, човекот што го возел Љупчо Палевски од Белград до Турција сведочеше дека Палчо го викнал за да го врати во Македонија, но дека кога дошле во Ниш, Палевски го замолил да го однесе во Турција.
Димковски се познавал со Палевски од 2017 или 2018 година, а се запознале поради политички активности. Тој живее во Струмица. За Боре првпат слушнал кога отишол во притвор, а Велибор Манев го знае од 2020 година, но дека не се во добри односи, од лични причини.
Димковски вели дека Палевски му се јавил преку Телеграм на 1 декември 2023 година и го прашал дали може да дојде во Белград да го земе и да го врати во Македонија.
– Во Белград стасав околу 16 часот на 1.12.2023. Тој ми пушти адреса каде се наоѓа. Го зедов од центарот на Белград, ми рече дека е во хотел. Веднаш тргнавме да се враќаме кон Скопје, имаше гужва, долго ни требаше да излезам од Белград. Кај Велика Плана застанавме на ручек. За престојот во Белград ми кажа дека договарал гостувања со некој аналитичар, политиколог и некој професор за рудни богатства. Ми спомна дека има проблеми со кичмата – рече Димковски.
– Имаше ли медицинска документација, видовте ли? – праша обвинителката.
– Јас не проверував што носи, не видов – рече Димковски.
– Колку телефони носеше? – праша обвинителката.
– Јас видов два. Ми се јави од белградски број додека ми даваше насоки од каде да го земам – рече Димковски.
– Ви кажа ли зошто воопшто отишол во Белград? – праша обвинителката.
– За да прави прегледи и да договори гости за годишнината на партијата – рече Димковски.
Тој раскажа дека после ручекот продолжиле кон Скопје. Пред Ниш Палевски му рекол дека треба да застанат во Ниш. По пат кон Ниш Палевски разговарал со адвокатот Васко, со кого Димковски вели дека не е во добри односи.
– Кога влеговме во Ниш, пак му се јави Васко и му рекол дека мора да преспиеме во Ниш, затоа што човекот со кого требаше да се видиме вечерта презакажал за утредента во 10 часот. Не се видовме со тој човек. Палевски рече дека треба да оди во Турција, дека му е закажана контрола за да го примат на операција на кичмата. Ми рече „Треба да ме враќаш за Белград, од Скопје и од Ниш нема лет за Истанбул, а од Белград има утредента“. Ми рече: „А зошто да дремеме овде, ако не си изморен, ајде ти мене џитни ме до Турција, зошто да губиме време да чекаме до утре. Мислев се зеза, ама тој беше сериозен. Ме замоли, не можам да одам со торби, не знам турски, ти директно ќе ме однесеш кај еден Турчин кој ќе ме однесе по клиниките. Рече дека само што добил потврда дека му резервирале операција во Турција – рече Димковски.
– Имавте ли проблеми на граничните премини? – праша обвинителката.
– Не. Од Србија излеговме нормално. Само во Бугарија мене ми правеа проблем со колата. За Палевски на бугарската граница бараа да каже каде ќе престојува. Се сместивме во една куќа кај еден Турчин, мислам дека се викаше Усеин.
– Даде ли пари за сместувањето? – праша обвинителката.
– Даде дел, а во понеделникот требаше да доплати – рече Димковски.
– Дали забележавте нешто невообичаено кај него додека во возевте? – – праша обвинителката.
– Не, сѐ беше во ред, разговаравме за политика итн. – рече Димковски.
Тој потврди дека Палевски се јавувал од неговиот телефон. Еднаш неговиот телефон немал батерија и еднаш во Пловдив кога се загубиле во магла.
– Застанавме на бензинска за да видам каде се наоѓаме и тој ми го побара телефонот за да му се јави на Влатко Кешишев. Не знам што зборуваа. Ноќе патувавме, стигнавме во Турција во 6-7 часот наутро. Можеби со болницата комуницирал по мејл, пред мене по телефон, не. Во Турција купи картичка, сакаше да има брз интернет. Ја зеде куќата како поевтина варијанта од хотел, за кој му доаѓаше околу 800 евра за десетина дена колку што требаше да остане. Куќата ја зеде за 150 евра. Во Турција се сретна со Усеин, наш иселеник таму. Куќата ја изнајми за три месеци – рече Димковски.
Тој рече дека Палевски не му кажал во која болница имал закажано операција, дека операцијата била закажана за 3 или за 4 декември 2023 година и дека ќе чинела 5.000 евра.
Димковски бил со Палевски до 3 декември 2023 година попладнето.
– Каков беше пред да си одите? – праша обвинителката.
– Беше блед, ме викна и ми рече дека имало дешавка во Македонија. Ме праша го знаеш ли случајот со исчезнатото девојче? Јас мислев дека зборува за две исчезнати девочиња за Грција. Рече „Не, за Скопје, и тоа ми го лепат мене“. Рече дека вчера била полиција во штабот, вршела претсрес, привеле некои од партијата, па ги пуштиле. Го прашав, а што има девојчето со партијата, рече дека ги поврзал пикапот. Ми кажа кои сѐ биле на испрашување, Плотников, Ѓорѓи, жена му на Ѓорѓи… – рече Димковски.
Тој вели дека после појадокот, кон 10 часот тргнал кон Македонија.
– Бевме во градот Баликесир. Јас тргнав, Палчо остана во Баликесир. Усеин требаше да го носи во Истанбул на операција и да му преведува. Палчо ме праша дали можам да го однесам до Истанбул ама јас не можев, бев решен да се вратам дома – вели Димковски.
Тој вели дека Палевски со себе имал три торби. Едната торба била полна со техника, камери, затоа барал и брз интернет, сакал од таму, на 3 декември да прави поткаст.
– Кога го оставив, бев во еден друг град во Турција, каде преспав. Вечерта во 22 часот по турско време, мои пријатели почнаа да ми праќаат линкови со зборовите „што е ова, да не го местат“. Гледам изјава на министерот Оливер Спасовски, хаос, да ви кажам право се онесвестив во хотелот. После кога се слушнавме со Палевски го прашав што се случува, а тој ми рече дека ова е тешка местенка. „сачекуша голема“ и оттогаш се изгуби комуникацијата – сведочеше Димковски.
– Додека бевте заедно надвор, сакаше ли тој да патува кон Белорусија? – праша обвинителката.
– На појадокот тој разгледуваше опции и рече „не знам овие што ми смислиле, можеби треба некаде да барам политички азил“. Му реков ова е сериозна работа, дека треба да се расчисти „Најубаво е да си дојдеш“. Рече „да видам, не сакам да ме задржат во притвор во Турција“ – рече Димковски и додаде дека Манев го нашол сместувањето во куќата во Беликесир, преку Усеин.
– Спомнавте дека сум бил блед и сум рекол дека ми го лепат тоа што се случува во Македонија. Дали вам ви изгледав сомнително? Дали Вие верувате дека сум ги убил Вања и Панче? – праша Палевски, а судијата не ги дозволи овие прашања.
Димковски додаде дека не прашувал ништо за здравствената состојба на Палевски ниту дека му побарал резултати од наводниот преглед во Белград.
– Зошто отидовте во Беликесир, а не во Истанбул? – праша судијата.
– Затоа што таму смествањето е поевтино, а и контактот со Усеин таму го најдоа. Планот беше Усеин да го носи во Истанбул. Куќата беше изнајмена за три месеци затоа што не даваат договори за пократко – додаде Димковски.
Следното рочиште е закажано за 25 ноември, понеделник, а како сведоци треба да се појават Зоран Аваз, Игор Јанушев и Љупчо Мицевски.