Иако Украина победи на овогодинешниот избор за песна на Евровизија, поради ситуацијата во оваа земја, улогата на домаќин на натпреварот за следната година ја доби Велика Британија. Сега е познато кои два града се конкуренти на овој голем настан.
Меѓу 20-те градови кои се пријавија за оваа улога, во потесниот избор влегоа седум: Бирмингем, Глазгов, Лидс, Ливерпул, Манчестер, Њукасл и Шефилд.
Сепак, списокот е дополнително стеснет, а сега е познато дека се размислува меѓу два града – Ливерпул и Глазгов.
Како што пренесува „Би-би-си“, конечната одлука ќе биде донесена „во рок од неколку недели“, а воедно ова ќе биде првпат во последните 25 години Евровизија да се одржува во Велика Британија.
„Песна на Евровизија е многу сложен настан, а Ливерпул и Глазгов имаат најсилни понуди. Ќе ги продолжиме нашите разговори со нив за да го одредиме можниот домаќин“, рекол Фил Харолд, претседател на одборот за избор на градот на „Би-би-си“.
Тој, исто така, додал дека тие се „одлучни во намерата“ натпреварот за песна на Евровизија 2023 да го направат натпревар кој ја одразува победничката позиција на Украина и да биде настан на кој може да учествува цела Велика Британија.
Украинската група „Калуш оркестра“ триумфираше на натпреварот што годинава се одржа во Торино, Италија. Поради руската инвазија, Европската радиодифузна унија (ЕБУ), која го продуцира настанот, одлучи дека следниот натпревар не може да се одржи под безбедни околности во Украина.
Наместо Украина, Велика Британија, која го зазеде второто место со песната „Space Man“ на Сем Рајдер, беше замолена да биде домаќин на 67. Избор за песна на Евровизија.
ФОТО: Eurovision.tv