Оваа година околу 4.000 скопјани за својот 50-ти роденден ќе добијат покана преку „Мој термин“ да бидат дел од скрининг програмата за карцином на дебело црево со цел спречување и навремено откривање на оваа болест.
– Гастро-клиниката ќе биде еден од двата центра кои ќе бидат вклучени во скринингот за колоректален карцином, а вториот ќе биде во болницата „8 Септември“. Беше направен пресек, по европските препораки на 50-тиот роденден дека секој треба да добие прва колоноскопија, во Америка тоа е поместено на 45-ти роденден. За Скопје бројката е околу 4.000 пациенти, а тоа значи дека ќе треба многу да работиме – рече д-р Калина Старелова Гривчева, директорка на Клиниката за гастроентерохепатологија.
Таа додаде дека со помош на „Мој термин“, како и со матичните лекари ќе се обидат да дојдат до точната бројка на пациенти кои оваа година ќе треба да ја направат својата прва колоноскопија.
– Секако дека пациентите може да го одбијат прегледот, но тоа не е препорачливо да се направи. Во одредени земји тоа се санкционира, да можеш бесплатно да се прегледаш по посебна брза лента, сепак тоа не би било добро, бидејќи станува збор за ризична група пациенти кои имаат наполнето 50 години – вели директорката на Гастроентерохепатологија.
Денеска во амбулантниот дел од Клиниката за гастроентерохепатологија беше отворен Центарот за болести на црниот дроб. Станува збор за амбуланта од повеќе делови, едниот е за третирање пациенти пред и по трансплантација на црниот дроб и е доопремена со еластограф, донација од ЕЛПА (Европско здружение на пациенти со болести на црниот дроб). Во склоп на овој Центар има апарат за одредување на пивка тестови со кои попрецизно се открива карциномот на црн дроб, а во овој објект е и хепатолошката амбуланта, како и општата амбуланта.
Во вториот дел од овој центар е делот за националната програма за скрининг на карциномот на дебелото црево каде што е купена најсовремената опрема со вештачка интелигенција, а со него се очекуваат попрецизни резултати и со тоа да се намали бројот на пациенти со доцна откриени карциноми на дебелото црево.