Ова се најлошите филмови во 2022 година

Lorita
By Lorita 7 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Вкусовите на публиката и критиката честопати не се совпаѓаат околу филмовите, но понекогаш и наоѓаат заеднички точки. Критичарите на списанието „Варајети” (Variety), Овен Глајберман и Питер Дебруж издвоија по пет филмови кои најмногу ги разочарале годинава.

„Амстердам” (Amsterdam)

Можеби е неверојатно тоа што филм каде што глумат Кристијан Бејл, Маргот Роби, Крис Рок, Роберт Де Ниро, па дури и познатата пејачка Тејлор Свифт, може да добие оценка 6,1 на ИМДБ. А, и тоа  му е „многу”, според Глејверман, бидејќи „се работи за бизарно фијаско што е и досадно, и навредливо во истовреме”.

– Сместен во Америка од 30-тите, којашто изгледа како да е под стакло, „Амстердам” ги сместува Бејл, (Џон Дејвид, б.п.) Вашингтон и Маргот Роби во целосно неинтересен љубовен триаголник. Но, вистинската тема е фашистичкиот напад. Кога филмот ќе стигне до таа точка, просто посакуваш Расел да почне од почеток – смета критичарот.

Ова достигнување на режисерот Дејвид О. Расел е критикувано и поради отсуството на јасна тема.

„Мињони: Подемот на Гру” (Minions: The Rise of Gru)

– Кога анимираните продолженија не служат за ништо друго освен да бидат „печатница за пари”, тоа може да биде многу безживотно. Можеби затоа петтото продолжение на „Подлиот јас” (Despicable Me) изгледа како 105-то – оценува Глајверман.

„Коски и сè” (Bones and All)

По филмот „Викај ме по своето име” (Call Me By Your Name) од 2017 година, кој ги освои и критиката и публиката и ја издигна кариерата на Тимоти Шаламе, младиот глумец повторно работеше со режисерот Лука Гвадањино во необична љубовна приказна. Овој пат главни протагонисти се Ли (Шаламе) и Марен (Тејлор Расел), двајца млади кои се вљубуваат и патуваат низ САД на маргините на општеството – како канибали.

- Advertisement -
Ad image

Публиката на филмот му даде оценка 7,1, но според Глајверман, и тој не заслужува „толку многу”.

„Потпалувачка” (Firestarter)

Во новата преработка на истоимениот трилер-роман на Стивен Кинг, девојче со вонредни пирокинетски моќи се бори да го заштити своето семејство и себеси од злобните сили… Првата екранизација е направена 80-тите, а и тогаш, како и сега, не успеа да ја воодушеви ни публиката, ни критиката.

- Advertisement -
Ad image

– Зошто воопшто правите преработка на еден од најлошите филмови на Стивен Кинг од 80-тите? За да докажете дека можете да направите уште полоша верзија!? – прашува критичарот.

„Три илјади години копнеж” (Three Thousand Years of Longing)

Овој долгоочекуван филм е заснован на расказот „Џинот во окото на славејот” на А.С. Баје. Режисерот Џорџ Милер го прочитал пред повеќе од 20 години и оттогаш сонувал да направи филм.

Гледачот се среќава со Алитеа (Тилда Свинтон), осамена Англичанка која наоѓа украсено шише при патување во Истанбул, Турција. По враќањето дома, таа го трие за да го исчисти, но од него излегува – „Џинот” (Идриз Елба), кој ветува дека ќе и исполни три желби. За да ѝ помогне да одлучи околу желбите, „Џинот” ја носи низ минатото…

За критичарот, сепак, гледањето на филмот било „тешко”, а љубовниот заплет е „како копиран” од сосема друг филм.

„Русокоса” (Blonde)

„Русокоса” е адаптација на романот на Џојс Керол Оутс, заснован на биографијата на легендарната холивудска актерка Мерлин Монро. Во главната улога е Ана де Армас. Иако филмот беше ветувачки, публиката на крајот критикуваше дека приказната се оддалечила од животот на дивата и оти ја претставува како беспомошна жртва.

– Начинот на кој Ендрју Доминик го конструира толкувањето на познатата слика за ѕвездата гарантира дека секојпат кога ќе видиме првична слика, таа ќе биде извалкана од потсвесните врски со овој грд, неавтентичен портрет – вели критичарот Питер Дебруж.

„Голема бубачка” (Bigbug)

Француската научно-фантастична комедија на режисерот Жан-Пјер Жене, авторот на „Амели Пулен”, не е нешто што може да го очекуваме од неговиот опус на прв поглед. Во новиот филм го гледаме светот во 2045 година, кога човештвото се потпира на вештачката интелигенција… Во вакво опкружување, четворица куќни роботи одеднаш решаваат да ги земат своите господари како заложници.

И иако ваквата премиса можеби некому му е интересна, публиката на ИМДБ ѝ даде просечна оценка од само 5,5, а критичарите оценуваат дека Жене „одамна го изгубил своето моџо”.

„355″

Кога строго чувано оружје ќе падне во рацете на платеници, агентот на ЦИА Мејсон Браун (Џесика Честејн) мора да ги здружи силите со германската агентка Мари (Дијана Кругер), сојузничката на МИ-6 и врвен компјутерски експерт Хадија (Лупита Њонго) и вештиот психолог Грасиела (Пенелопе Круз) во смртоносна, опасна акциона мисија.

Сепак, критичарот Дебруж смета дека Сајмон Кинберг е погрешен режисер за акционите сцени, кои во случајов се оценети како „детска игра”.

„Меур” (The Bubble)

Долгоочекуваната комедија на Џад Апатоу следи група глумци заробени во „пандемски балон” во хотел додека се обидуваат да снимаат продолжение на акционен филм за летечки диносауруси.

– Мило ми е што продуцентот успеа да ја преброди пандемијата опкружен со смешни луѓе, но кога филмот стигна на Нетфликс, шегата беше вон своето време – вели критичарот.

„Пајак” (Spiderhead)

Во оваа адаптација на кратка приказна од списанието „Њујоркер”, затвореник во најсовремен казнено-поправен дом почнува да ја доведува во прашање целта на лековите за контрола на емоциите на еден фармацевтски гениј.„Пајак” со недели беше меѓу најгледаните филмови на Нетфликс, но гледачите му дадоа просечна оценка од само 5,4 на ИМДБ.

Ниту Дебруж не е воодушевен и смета дека главната улога погрешно му била доделена на Крис Хемсворт.

Share This Article