Кашлицата која се јавува навечер може да биде многу фрустрирачка, може да ве спречи да заспиете, а може да биде и непријатна за вашиот партнер.
Што предизвикува кашлица?
Во суштина, кашлањето е начин на телото да ги исчисти белите дробови и дишните патишта од туѓи материи – прашина, чад, загадување или слуз. Продуктивна кашлица е онаа која резултира со искашлување на спутум или слуз, а сува кашлица е онаа во која нема таков секрет.
И двата типа на кашлица можат да бидат предизвикани од инфекции (бактериски и вирусни), структурни белодробни заболувања итн. Астмата и алергиите се состојби кои предизвикуваат и кашлање.
Кашлицата може да биде предизвикана и од следниве работи:
– лекови
– срцеви заболувања
– Гастроезофагеална рефлуксна болест (ГЕРБ)
– инфекции на респираторниот тракт
– оштетување на гласните жици
– апнеја при спиење
Кај луѓето кои пушат, постојат две вообичаени состојби наречени хроничен бронхитис и емфизем кои можат да предизвикаат кашлање поради уништување на ткивото на белите дробови.
Како да се запре кашлицата?
Подолу се дадени корисни совети за тоа како да се запре постојаната вечерна кашлица.
1. Држете се настрана од алергени
Вообичаени алергени кои предизвикуваат кашлање се прашината и поленот. Ако не сте сигурни дали сте алергични на нешто, размислете да се консултирате со алерголог.
2. Исчистете го домот од прашина
Што се однесува до алергените, би било добро да го исчистите вашиот дом од најчестите алергени (прашина, прашински грини, полен итн.) доколку е можно. Често менувајте ги завесите и постелнината за да избегнете таложење на овие иритирачки материи во куќата. Исто така, внимавајте да ги одржувате чисти теписите, килимите и полнетите играчки.
3. Редовно контролирајте ја вашата астма
Астмата доведува до стеснување и воспаление на дишните патишта. Сува кашлица е чест симптом на астма. Ако кашлицата ви е сува и понекогаш ви е тешко да дишете, консултирајте се со лекар – можеби ќе ви треба специфична терапија.
4. Затворете ги прозорците
Особено за време на сезоната на алергии, треба да ги држите прозорците затворени ноќе. На овој начин ќе спречите поленот, прашината и грините да влезат во просторијата.
5. Избегнувајте загадени области кога е можно
Според некои студии, најчеста причина зошто луѓето кашлаат е затоа што телото ги чисти дишните патишта по или за време на изложеноста на загадувачи.
6. Контрола на ГЕРБ
ГЕРБ е хронична форма на рефлукс на киселина и честа причина за ноќно кашлање. Ако често чувствувате чувство на печење во градите што се влошува после јадење или легнување, разговарајте со вашиот лекар. Тоа е првиот симптом на ГЕРБ. Соодветната терапија може да ви го олесни спиењето.
7. Навалете го креветот
Лежењето го олеснува враќањето на стомачната киселина во хранопроводникот. Затоа, најдобро е да почекате најмалку 2,5 часа по јадење и потоа да си легнете. Подигнувањето на главата на креветот исто така може да биде корисно.
8. Користете овлажнител
Сувиот, топол воздух може да ви ги исуши грлото и дишните патишта и да ве направи посклони кон напади на кашлање. Затоа одреден број луѓе кашлаат кога ќе го вклучат парното во зима. Користењето навлажнувач може да ја намали зачестеноста на кашлањето.
9. Проверете ги синусите
Синусните инфекции може да предизвикаат истекување на секрет по задниот ѕид на фаринксот (особено кога лежите!), што го иритира грлото и доведува до кашлање. Користењето на адекватна терапија може значително да ви помогне и да спречите кашлица.
10. Консумирајте мед
Земањето 2 до 3 лажички мед пред спиење може да помогне во олабавување на слузта во грлото. Друга опција е да измешате 2 лажички мед во чај без кофеин, како што е билен чај. Имајте предвид дека медот никогаш не треба да се дава на деца под една година.
11. Пробајте сок од лимон
Пиењето вода со малку сок од лимон може да им помогне на оние кои немаат гастроезофагеален рефлукс да ја ублажат кашлицата. Тоа е затоа што лимонот има антиинфламаторни својства.
12. Гаргара солена вода
Гаргарањето со раствор од солена вода може да помогне да се отстрани опструкцијата на дишните патишта. Ова ќе им помогне на луѓето со астма, алергии и инфекции помалку да кашлаат.
13. Вакцинирајте се против грип
Грипот е вирусна инфекција која клинички се манифестира, меѓу другото, и со кашлање. Затоа, вакцинирајте се против оваа вирусна инфекција за да избегнете непроспиени ноќи поради кашлање.
14. Престанете да пушите
Хроничната кашлица е чест несакан ефект на долгорочното пушење. Затоа, не само поради кашлицата, туку и поради последиците што пушењето ги има врз сите други органи и системи на органи, треба да размислите за откажување од тутунските производи.
Што да направите кога кашлицата е силна?
Постојана, силна ноќна кашлица може да биде знак за сериозна состојба. Хроничната ноќна кашлица е симптом на срцева слабост, како и на респираторни заболувања како бронхитис, пневмонија и ХОББ. Ракот на белите дробови и згрутчувањето на крвта во белите дробови се поретки причини за силна кашлица.Затоа, доколку кашлицата трае подолго од три недели или забележите дека се зголемува количината на слуз или дека кашлате крв, задолжително консултирајте се со доктор.
Исто така, ако се појават овие симптоми, веднаш побарајте лекарска помош:
– треска
– чувство на отежнато дишење
– гушење
– потечени нозете, глуждовите или стомакот
– болки во градите.