Ниту Русија ниту Украина најверојатно нема да преземат решителна воена акција оваа година, изјави шефот на британското воено разузнавање за Би-Би-Си. Според него, ова ќе биде многу долга војна. Зборувајќи во ретко јавно интервју, генерал-полковник Џeјмс Хокенхол, исто така, рече дека многу внимателно ја набљудувал руската потенцијална употреба на нуклеарно оружје, пренесува Б92.
На слично мнение, дека војната ќе трае и понатаму е и рускиот претседател Владимир Путин.
– Ситуацијата во Украина покажува дека САД се обидуваат да го продолжат конфликтот. И дејствуваат на ист начин, поттикнувајќи го потенцијалот за конфликт во Азија, Африка, Јужна Америка – изјави Путин во обраќањето на Меѓународната безбедносна конференција во Москва.
Се работи за „бесрамна демонстрација на непочитување на суверенитетот на други земји и на нивните меѓународни обврски“, смета Путин, критикувајќи ја, како што ја нарече, „внимателно подготвената провокација“ на Ненси Пелоси, која неодамна го посети Тајван. Тој ја спореди ситуацијата во Тајван со онаа во Украина.
Додека другите експерти зборуваат за евентуално примирје во наредните шест месеци, главните страни во војната и од Исток и од Запад укажуваат дека наскоро нема да има мир, макар ни во замрзната форма.
Нуклеарната опција зависи од бојното поле
Се поставува друго прашање. Што ќе направи претседателот Владимир Путин ако продолжи да не ги исполнува своите воени цели? Дали би можел да прибегне кон користење нуклеарно оружје?
Генералот Хокенхол вели дека ова британските служби го следат „многу, многу внимателно“. Руската воена доктрина, за разлика од западната, вклучува употреба на тактичко или борбено нуклеарно оружје за воени операции. Иако е уверен дека тактичкото нуклеарно оружје веројатно нема да се користи наскоро, тој вели дека ќе продолжи да разузнава и да следи.
Веројатноста за нивна употреба може да се промени доколку се промени динамиката на бојното поле, објаснува тој.
– Треба да бидеме внимателни кога размислуваме во бинарни термини, дека луѓето победуваат или губат, или размислуваме за ќор-сокак – вели генералот Хокенхол.
Русија, вели тој, очигледно се обидува да регрутира повеќе сили откако претрпе значителни загуби. Тој, исто така, мора да прераспореди дел од своите војници од Донбас на југ, каде што вели дека Русите се под значителен притисок од украинските сили во и околу Херсон.
Но, генералот Хокенхол сè уште верува дека е нереално да се очекува одлучувачки потег на југот во наредните месеци.
Тој вели дека ја разбира желбата на Украина да ја врати територијата, но додава дека иако ќе има контра-напади и контраофанзиви, тој не верува дека оваа година ќе бидат преземени решителни акции од која било страна.
Тој очекува многу долг конфликт.
Генералот кој работи во сенка
Генералот Хокенхол работи во сенка. Тој прв ги информирал британскиот премиер и секретарот за одбрана дека војната почнала. На 23 февруари, Хокенхол добил телефонски повик во 2 часот по полноќ. Му било кажно дека има некои чудни индикации за активност на украинската граница, па тој се вратил со велосипед на работа. Пристигнала потврда дека Русија навистина го нападнала својот сосед.
Неколку минути подоцна, а уште во раните утрински часови, тој им се јавил на премиерот и на секретарот. Во последните четири години тој се занимава со високо доверливи информации.
Тој вели дека тогаш мислел оти Русија ќе изврши инвазија уште лани во ноември. Една недела пред окупацијата, тој донесе крајно невообичаена одлука да објави мапа на Твитер со предвидување на веројатните планови за инвазија на Русија. Тоа било одлука за која вели дека не била лесна, но бил убеден дека има потреба информациите да се изнесат во јавноста.
– Важно е да се открие вистината пред да дојдат лагите – вели тој.
Тој, исто така, ја брани одлуката на Западот да го истакне потенцијалот на Русија да користи хемиско и биолошко оружје. Тој верува дека тоа им помогнало да ги спречат таканаречените „операции со лажно знаме“ во обид да ги прикажат Украинците или Западот како поттикнувачи на конфликтот.
Ретко кога толку многу доверливи разузнавачки информации беа споделени јавно. Оттогаш, Одбранбената разузнавачка служба објавува дневни ажурирања за време на војната.
Изненадувачки е како Русија го издржи сето ова
Разузнавањето не е наука. Предвидувањата се прават на скала на веројатност, а има голем број работи кои го изненадија британското одбранбено разузнавање.
Генералот вели дека силата на западното единство и украинскиот отпор ги надминале очекувањата. Како и неуспесите на руската војска, чија команда, контрола и логистика беа лоши, сугерира тој. Имаше и политичко мешање, од стратешко до тактичко ниво, додава тој.
Постои недостиг на доверба меѓу руската политичка и воена класа, а генералот Хокенхол вели дека е изненаден што Москва успеала да ги издржи сите овие проблеми во исто време.