Во Технолошко-индустриската развојна зона во Струга денеска официјално беше отворена канадската компанија „Магна Мирорс” која произведува автомобилски системи, модули и компоненти кои се испорачуваат на најзначајните производители на автомобили во светот.
Компанијата ќе вработува околу 1 300 лица кога ќе го постигне својот планиран капацитет, а поддршката од државата на оваа инвестиција е околу 50 проценти.
Потпретседателот на компанијата „Магна Интернационал” Дејвид Кресп, рече дека Магна има широко портфолио и е на четврто место глобално во својата индустријата, додека Магна мирорс е лидер во производстото на внатрешни и надворешни огледала за автомобили, како и напредни видео системи за следење на движењето, модули и компоненти за возила.
– Тоа што почна како идеја во 2018, сега е реалност. Нашата инвестиција е околу 35 милиони евра, се наоѓа на површина од 17 илјади метри квадратни и ќе има една илјада вработени – изјави Кресп.
Премиерот Димитар Ковачевски, на официјалното отворање, рече дека одлуката да се отвори фабрика во нашата земја што ќе произведува делови и системи кои ќе се испорачуваат на најголемите светски производители на автомобили – се должи на нашето членство во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ, но и позитивната бизнис клима што ја создава државата.
– Да не се отвореше оваа компанија сите млади кои се тука вработени ќе требаше да одат да работат во некоја од земјите во ЕУ и затоа сакам да им се заблагодарам и на Магна и на нејзиниот менаџмент што ја одбраа Северна Македонија за отворање на оваа високотехнолошка компанија – рече Ковачевски.
Директорот на ТИРЗ Јован Депотовски очекува двојно да се зголемат странските директни инвестиции.
„Магна интернационал” е канадска компанија со глобално седиште во Онтарио-Канада, која дизајнира, развива и произведува автомобилски системи, модули и компоненти.