Министерството за внатрешни работи ќе вработи 600 полицајци за работа во повеќе сектори.
Според објавениот облас, 100 полицајци ќе бидат вработени во Секторот за внатрешни работи Скопје.Во секторите во Струмица, Охрид, Битола, Велес и во Куманово по 40, додека, во Сектор за внатрешни работи Тетово – 60, а во Штип 70. По 40 полицајци се бараат и во Регионалните центри за гранични работи Запад, Југ и Исток, додека, во Регионалниот центар за гранични работи Север се бараат 50 полицајци.
Покрај општите услови, предвидени со огласот се предвидува кандидатите да не бидат членови на партии, а доказ за тоа е своерачно потпишана изјава.
Изборот на кандидатите ќе се врши со селекција со тестови за физичка и психолошка подготвеност.
Проверка на моторички способности подразбира за мажи: најмалку 9 „склекови“ во интервал од 10 секунди, најмалку 16 „стомачни подигања“ во интервал од 30 секунди, „скок во далечина од место“ со минимална должина на скокот од 220 см, „спринт на 20 метри“ за најмалку 3,35 секунди, „спринт на 100 метри“ за најмалку 15 секунди и „трчање на 1.500 метри“ за најмалку 5,25 минути. За жени: најмалку 6 „склекови“ во интервал од 10 секунди, најмалку 12 „стомачни подигања“ во интервал од 30 секунди, „скок во далечина од место“ со минимална должина на скокот од 160см, „спринт на 20 метри“ за најмалку 3,50 секунди, „спринт на 100 метри“ за најмалку 18 секунди и „трчање на 800 метри“ за најмалку 3 минути.
По спроведената постапка за селекција, избраните кандидати за полицаец склучуваат договор за основна обука за полицаец во времетраење од 1 (една) година, која ќе се спроведе во Центарот за обука во Министерството за внатрешни работи и на истата се упатуваат за 10% поголем број кандидати за полицаец од бројот на слободни места за кои е распишан овој оглас, односно во Центарот за обука ќе бидат упатени вкупно 660 кандидати.
По завршување на основната обука Министерството за внатрешни работи и кандидатот за полицаец, кој ја завршил основната обука за полицаец и кој врз основа на постигнатите резултати соодветно е внесен во ранг листата склучува Договор за вработување во Министерството, со кој кандидатот за полицаец се стекнува со статус „полицаец – приправник”.
Со договорот за вработување се уредуваат меѓусебните права и обврски и се утврдува дека полицаецот е должен да остане на работа во Министерството најмалку пет години сметано од денот на склучувањето на договорот за вработување. Во спротивно, истиот е должен да ги надомести трошоците направени за неговата обука зголемени за три пати.
Огласот трае 15 дена.