Русија останува изолирана во рамките на ОБСЕ поради воената агресија врз Украина. Ова го изјави претставникот на САД во ОБСЕ, амбасадорот Мајкл Карпентер на прес-конференцијата на маргините на Министерскиот совет на организацијата во Скопје за резултатите од средбата. Тој изрази благодарност до РС Македонија за, како што рече, големата работа што ја заврши за време на едногодишното претседавање со ОБСЕ во тешко време.
– Никој не сака да седне на маса со министерот за надворешни работи Лавров, да слуша лаги и дезинформации. Со сета почит кон него, Лавров уште еднаш ги обвинува другите, тој ја усоврши оваа уметност. Подобро би било да направи поголема интроспекција на малигното руско влијание врз демократските држави, вклучувајќи го и Западен Балкан – додаде Мајк Карпентер.
Рускиот министер за надворешни работи Лавров утрово на прес-конференција рече дека САД не успеале во намерата да го изолираат него во Скопје, туку рече дека американскиот државен секретар Антони Блинкен и неговиот британски колега „избегале како кукавици“.
– Се обидоа со фотографии од вечерата да ме претстават како изолиран овде во Скопје. Но, јас имав прекрасна вечера со македонски вина и јадења и бев присутен на утринското официјално отворање на собирот на ОБСЕ. А немаше лица од Украина и од балтичките државни, ниту пак беа Блинкен и Камерун, ниту Борел. Тие се само кукавици кои направија обид да ме изолираат – рече шефот на руската дипломатијата.