Контраофанзивата на украинската армија е заглавена во рововите, вели за „Економист“ врховниот командант Валериј Залужни и ќе биде во ќор-сокак освен ако Украина не добие некаква нова технологија од Западот со која ќе добие предност. Политико пренесе дека се работи за „отрезнувачко“ интервју.
Залужни изјавил дека има изгледи војната да биде долга, што ќе ѝ даде предност на Русија. Тој смета и дека тоа што Западот претпазливо ѝ обезбедува оружје на Украина направило Русија да мобилизира илјадници трупи и да ги зајакне своите позиции.
– Најверојатно нема да има длабок и убав пробив – вели Залужни објаснувајќи дека испораките на Западот сепак не се доволни за Киев да победи, туку само да се одржи во војната.
Но, главниот командант не се жали:
– Тие (од Западот) не се обврзани да ни дадат ништо, а ние сме благодарни за она што го имаме, но јас едноставно ги кажувам фактите.
За пет месеци откако Украина ја започна со нетрпение очекуваната контраофанзива, нејзините трупи напреднаа само 17 километри низ силно утврдени и минирани руски одбранбени линии.
Залужни исто така призна дека грешка било тоа што се мислело дека Русија ќе ја сопре инвазијата откако загуби повеќе од 150.000 војници на бојното поле.
– Кремљ, имајќи огромни човечки и економски ресурси, ги третира своите војници како евтини ресурси – вели тој.
Недостигот на пробив предизвика извесен замор на Украина кај многу нејзини поранешни силни поддржувачи, рече Залужни. Во САД, републиканците ја блокираа секоја дополнителна помош за Украина барајќи првин претседателот Џо Бајден и украинскиот претседател Володимир Зеленски да им покажат јасна стратегија за победа во војната.
Меѓутоа, Залужни има стратегија на бојното поле.
Според придружниот есеј што тој го напиша, клучот за можниот пат на Украина за излез од сегашната позиција е: да стекне супериорност во воздухот, да се пробијат минските бариери во длабочина, да се зголеми ефикасноста на одбраната, да се создадат и обучат потребните резерви и да се изградат способности за електронско војување.
Накратко, врховниот командант смета дека комбинирањето на старите методи на војување со супериорноста во технолошкото војување може да ѝ дозволи на Украина да се избори со пргав напор и со флексибилност.