Еден од најголемите германски аеродроми ги стопираше сите летови откако климатските активисти се залепија за пистата.
Аеродромот Келн-Бон соопшти дека утринава пристап до аеродромот добиле „неовластени лица“. Најмалку четири дојдовни летови се пренасочени кон блиските аеродроми во Дизелдорф и Хановер, јавува „Би-Би-Си”.
Десетици летови кои заминуваа од аеродромот во Келн беа одложени или откажани. Групата „Last Generation” соопшти дека пет луѓе останале залепени на пистата.
Групата додала дека „слични мирни, граѓански протести на аеродромите“ се планирани низ Европа и Северна Америка.
Инаку, Келн-Бон е шестиот најфреквентен аеродром во Германија – по Хамбург, Дизелдорф, Берлин Бранденбург, Минхен и Франкфурт. Во мај, аеродромот во Минхен беше принуден да затвори два часа откако шест демонстранти за климатските промени се залепија на пистата.
Осум лица беа уапсени, но прекинот доведе до пренасочување на 11 летови и околу 60 откажани, изјави портпаролот на аеродромот. Потоа, германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер рече дека безбедносните мерки на аеродромот во Минхен „ќе бидат преиспитани“.