Страшен инцидент се случи во вторникот во основно училиште во Калуѓерица во Белград, каде осумгодишно момче со нож бркало двајца соученици, заканувајќи им се и обидувајќи се да ги прободе! Едно од децата успеало да го сними овој настан додека, очигледно, разговарал со мајка си додека бегал од својот врсник кој во раката држел сечило од 20 центиметри.
Српски Курир дошол до снимка на која се гледа како момчето со качулка на главата набрзина оди кон децата со нож покрај ногата.
– Што сум ти направил јас?! – се слуша паничен глас на детето кое снима. Веднаш потоа уште повознемирено му довикува на другарот:
– Бегај, има нож, бегај!
Според сцените кои брзо се вртат очигледно е дека момчињата трчаат, обидувајќи се да избегаат.
– Бегај, оди во твојот стан – му вели момчето на другарот додека во страв ја спушта слушалката со мајка си:
– Мамо, ајде, чао! Тој има нож!
За среќа, како што пренесуваат српските медиуми, еден од родителите на учениците од училиштето случајно се нашол во училишниот двор и го запрел момчето со ножот, по што била повикана полиција.
Грозоморната случка длабоко ги вознемирила родителите кои велат дека ова момче и претходно правело тешки инциденти. Поради сè што се случувало, велат тие, донеле одлука децата да не одат на училиште до дополнително известување.
– Малиот е одличен ученик, но е нестабилен. Пред неколку дена во училиште донел скалпел кој му бил одземен на час. Никој не знае зошто го донел и како имал намера да го искористи. Пред некое време давеше дете, а се случуваше и да дојде на училиште и да каже: „Ах, многу сум нервозен денес, ќе убијам некого“ – вели еден од родителите на ученик кој оди во тоа училиште, додавајќи дека вниманието на наставниците го свртеле кон девијантното однесување на ученикот, но никој не презел ништо.
Тој додава дека осумгодишното момче немало ништо против момчето кое го бркало.
– Инцидентот се случил во околу 15 часот. Момчето ги завршило часовите. Отишло дома и донело нож. Во училишниот двор нашло две момчиња и ги бркало, но така ќе се однесувало ако налетало и на некое друго дете – објаснува тој и додава дека директорката вчера одржала средба со родителите.
Било одлучено детето да не оди на училиште неколку дена и да биде подложено на одредени лекарски прегледи.
Сепак, родителите бараат детето напаѓач воопшто да не оди во тоа училиште и да се воведе обезбедување:
– На директорката ѝ рековме дека ние родителите сме подготвени дури и сами да си го платиме обезбедувањето, само децата да ни бидат безбедни – објаснува родителот.
Вишото јавно обвинителство Белград во соработка со Второто основно јавно обвинителство констатирало дека нема елементи на кривично дело, туку дека е донесена одлука за поднесување соодветна прекршочна пријава против мајката на момчето кое донело нож на училиште.