Никогаш не би прифатил да ме амнестираат, а за возврат да ги вметнат Бугарите во Уставот. Не ми треба таква амнестија која ќе биде на штета на мојот македонски народ, порача Вилијам Михајловски, еден од осудените за настаните на 27 април.
Тој на Фејсбук напиша статус неколку дена откако во Собранието не помина предлог-законот за амнестија на осудените за „крвавиот четврток“, а како што посочува, виновниците во врска со амнестијата не треба да се бараат во ВМРО-ДПМНЕ.
Михајловски додава дека кога напишал дека сѐ уште има јуди во партиските редови, мислел за некои помали коалициони партии на ВМРО-ДПМНЕ.
„Јас бев против да се поднесува закон за амнестија бидејќи еднаш побарав и бев одбиен, а беше амнестиран човек кој самиот призна пред судот дека носел оружје на тој 27 април, но детето беше амнестирано бидејќи кажа онака како што му беше напишано од страна на Вилма Рускоска, шефот на организираниот криминал, за да си го оправда измисленото монтирано обвинение. Виновниците во врска со амнестијата не ги барајте во ВМРО-ДПМНЕ, оваа хајка беше осмислена игра на Левица и се реваншираа за претходната ситуација која излезе во јавност кога двајцата левичари направија кворум за отварање на седница (не ми текнува која беше точката на таа седница). Затоа, луѓе, не паѓајте на вакви финти, само штетите на партијата која се бори за нас, ништо повеќе. Доколку имате критики, тогаш критикувајте ги во штабовите вашите претставници, а преку постови џабе пишувате, тоа не допира така како што мислите. Бидете мажи и кажете им во очи и ќе видите каков одговор ќе добиете. Не можам да ве разберам дали очекувате од оние што нѐ осудија да нѐ амнестираат? Видовме во 2018 година како ги амнестираа половината обвинети, беа амнестирани за Крсто, Сашо, Љубен, но за возврат да гласаат и да го променат името. Па, би сакал да ве прашам дали сте за да нѐ амнестираат, а за возврат да ги вметнат Бугарите во Уставот? Мојот одговор е: Не фала, не ми треба таква амнестија што ќе биде на штета на мојот македонски народ. Не сакам многу да должам само ќе повторам дека од левичар никогаш не може да биде десничар, а за да се фрли дамка на ВМРО-ДПМНЕ ова беше смислено од СДС, ДУИ и Левица“, напиша Михајловски на Фејсбук.