Во завршната декларација на самитот Украина-Југоисточна Европа, што се одржа денеска во Дубровник се осудува руската инвазија на Украина, а се искажува поддршка за Украина, нејзиниот територијален интегритет, европските интеграции и членството во НАТО.
„Без слободна и мирна Украина, нема слободна и мирна Европа“, беше заклучокот од декларацијата на самитот.
Во декларацијата се потсетува дека поминаа речиси 1.000 дена од почетокот на руската воена инвазија на Украина.
„Најостро ја осудуваме оваа неиспровоцирана, неоправдана и незаконска руска освојувачка војна против Украина, злосторство против украинскиот народ, јасното кршење на меѓународното право… и големата закана за мирот и безбедноста на Југоисточна Европа , целиот европски континент и светот“, се вели во документот.
Главната цел на средбата, која заеднички ја организираа украинскиот претседател Володимир Зеленски и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, беше да се покаже поддршката на земјите од регионот на Украина.
На самитот, покрај Зеленски и Пленковиќ, учествуваа претставници на 12 земји од регионот, а во состав на македонската делегација, покрај премиерот Христијан Мицкоски учествуваше и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Во текстот на декларацијата се нагласува дека поддршката на учесниците на состанокот за украинската независност, суверенитет и територијален интегритет во меѓународно признатите граници продолжува да е „апсолутна“. Учесниците ја потврдија својата поддршка за мировната формула на украинскиот претседател Володимир Зеленски, што ја сметаат за клучна рамка за враќање на мирот.
Во декларацијата се повикува меѓународната заедница да ја зголеми поддршката за Украина и „сите земји да не обезбедуваат материјална или друга помош за руската освојувачка војна“.
Учесниците ги осудија и ги оквалификуваа „обидите на Русија за насилно и незаконско анексија на територијата на Украина“ и изборите што Москва ги одржа во окупираните украински региони во март и септември, нарекувајќи ги „ништовни и неважечки“.
Декларацијата го поздравува отворањето на пристапните преговори меѓу ЕУ и Украина, како и фактот дека НАТО на самитот во Вашингтон „ја повтори посветеноста да ја поддржи Украина на нејзиниот неповратен пат кон целосна евроатланска интеграција, вклучително и членство во НАТО“.
„Ја повторуваме нашата цврста посветеност да ги изведеме пред лицето на правдата лицата одговорни за злосторството на агресијата, злосторствата против човештвото и воените злосторства извршени за време на руската освојувачка војна“, се вели во декларацијата.
Текстот ја нагласува клучната важност на енергетската безбедност на Украина, чии „електрани и енергетска мрежа трпат огромна штета поради руските систематски и намерни напади“.
„Нагласуваме дека секоја употреба на нуклеарна енергија и нуклеарни постројки мора да бидат безбедни, заштитени и прифатливи за животната средина. Во овој контекст, нагласуваме дека нуклеарната централа Запорожје мора да се врати под целосна суверена контрола на Украина и да работи безбедно“, наведува декларацијата.
Учесниците ја изразија својата посветеност да учествуваат во сегашната и повоената реконструкција на Украина „за да се обезбеди нејзината просперитетна иднина“.
Самитот во Дубровник е трет самит во таков формат. Првиот беше организиран во август 2022 година во Атина, а вториот во февруари годинава во Тирана. Главната цел е искажување на солидарност и поддршка на Украина.