Министерството за надворешни работи (МНР) упатува јавна реакција и осуда за, како што наведува во соопштение, вчерашниот израз на говорот на омраза што можеше да забележи во текот на фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Северна Македонија и Бугарија.
„Спортските настани претставуваат највисокиот израз на принципите на фер однос, меѓусебна почит и натпревар во спортски дух. Злоупотребата на овие настани за ширење омраза и нетрпеливост претставуваат суштинска спротивност на нивната основна замисла“, се наведува во соопштението на МНР.
Министерството додава дека Северна Македонија и Бугарија и во иднина ќе продолжат активно да работат на унапредување на меѓусебните односи, како земји сојузнички во НАТО, идни партнери во Европската Унија, и пред сѐ, добри соседи.