Министерот за надворешни работи Бујар Османи предупреди на стагнација во процесот на пристапување кон Европската Унија доколку уставните измени за вклучување на Бугарите во Уставот не завршат до крајот на оваа година.
Овој став Османи го изнесе во емисијата „Тринилнг“ што се емитува на Телевизија 24. Османи во интервјуто за „Трилинг“ појаснува зошто блокадата на процесите дома, ќе значи и блокада однадвор.
– Имајќи ја предвид важноста и зависноста на земјата од европската интеграција мислам дека ќе настане една општествена и политичка криза каква што имаме видено претходно со блокадата на европскиот процес поради проблемот со името и можеме да влеземе во една ситуација на изолација во којашто ќе се отвораат некои прашања кои самиот европски процес ги субординира и тука не предвидувам добра динамика, внатрешна и регионална – рече Османи во интервјуто.
Европската Унија прави сè за Северна Македонија, земјата постојано има поддршка од ЕУ за овој процес да продолжи што е видливо од ангажманот на секоја земја-членка поединечно, потенцираше Османи. Затоа не е потребна дополнителна медијација на процесот на решавање на прашањата помеѓу Северна Македонија и Бугарија, туку нивна соработка, додаде тој.
– Ние исто така сме дипломатски активни и секаде ја претставуваме нашата позиција. Бугарија ја претставува својата. Но ние ќе мораме да комуницираме со Бугарија и надвор од европскиот контекст. И да не беше ЕУ, ние со Бугарија сме први соседи и ќе мора да најдеме начин да живееме како соседи, почитувајќи се еден со друг – рече Османи.
Во однос на уставните измени и дебата дома, министерот за надворешни работи повтори дека уставните измени не се контроверзни, ниту се ризични за некого и само ќе ја зацврстат нашата позиција како земја во којашто граѓаните и заедниците и ги имаат сите индивидуални и колективни права.
– Мислам дека е важно тоа да им кажеме на граѓаните дека имаме две опции. Првата опција е е дека никому нема да му фали влакно и државата ќе си го обезбеди европски пат и отворање на сите механизми на ЕУ за помош и напредок на државата. Втората опција е инаетење поради непознати причини затоа што досега не видовме ниту еден аргумент од никого што е ризично во уставните измени – рече Османи.
Целта на ваквото инаетење, додаде тој, е поларизирање на општеството преку партиско-политичко калкуланство за следните избори да бидат своевиден референдум за уставните измени, а опозицијата има голема улога во тоа.
– Опозицијата уште еднаш докажува дека кога се одлучуваат важни прашања за државата таа повторно не е на маса каде што се носат одлуките, а потоа излегува на улица. Дајте доколку не знаете како да ги решите проблемите барем не ги блокирајте тие процеси. Тоа е нечесен пристап и кон граѓаните и кон државата – истакна Османи во интервјуто за „Трилинг“.