Во рамки на работната посета на Ирска, министерот за надворешни работи Бујар Османи имаше обраќање пред Комитетот за ЕУ прашања во ирскиот парламент.
Османи ги брифираше ирските пратеници, членови на Комитетот за ЕУ прашања, за нашиот евроинтегративен процес, потсетувајќи дека, во изминатите речиси две децении, државата е докажан и веродостоен партнер на Унијата, со стопроцентна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, кредибилен сојузник во НАТО и одговорен член на меѓународната зедница преку претседавањето со ОБСЕ во актуелниот нестабилен геополитички контекст.
„Северна Македонија ја докажа својата својата посветеност кон првиот надворешно-политички приоритет – членството во ЕУ – со сопствените паметни и визионерски мирољубиви политики во изминатите 30 години внатре во нејзините граници, кон соседите и на меѓународно ниво, градејќи енергична мултиетничка демократија преку култура на дијалог, мирно решавање на билатералните спорови, добрососедство и регионална соработка и со силно почитување на меѓународниот поредок заснован на вредности и норми.“ – истакна Османи.
Говорејќи за предизвиците кои ни претстојат на патот кон членство во ЕУ до 2030 година, министерот Османи потенцираше дека е потребно на Северна Македонија да и се даде шанса да се приближи кон ЕУ преку конкретни краткорочни мерки, за време на процесот на пристапување, што, за возврат, ќе ја зголеми довербата на граѓаните во извесноста од крајната цел – полноправно членство во ЕУ.
„Северна Македонија никогаш не одела по пократкиот пат во однос на исполнувањето на критериумите за влез во ЕУ и ќе продолжи и понатаму да чекори сигурно, обезбедувајќи ја иднината на своите граѓани и напредокот на земјата, преку спроведување на реформската агенда, но, токму заради тоа, треба да вбризгаме поголема кредибилност на процесот, подразбирајќи повеќе интеграција пред членството. “ – заклучи Османи.