Претседателката на Косово, Вјоса Османи, оцени дека по нападот во селото Бањска на 24 септември, процесот на дијалог меѓу Белград и Приштина треба да се „одново измисли“.
На прес-конференција во Приштина, Османи рече дека треба да се извлечат поуки од инцидентот во селото Бањска во кој загина припадник на косовската полиција и тројца вооружени и униформирани Срби од северот на Косово.
„Поминаа 12 години дијалог и време е за размислување бидејќи досегашниот пристап го охрабри (српскиот претседател Александар) Вучиќ да употреби насилство и да изврши акт на агресија врз Косово. Не треба да се однесуваме како да не постои 24 септември. Целиот процес на дијалог сега треба да се редизајнира во светло на она што се случи на 24 септември“, рече Османи.
Таа додаде дека истрагата спроведена од косовските институции „со поддршка“ на меѓународните партнери „многу јасно докажува“ дека Србија стои зад инцидентот на 24 септември.
„Постојат четири суштински елементи кои ја врзуваат Србија за овој напад и ја префрлаат одговорноста на претседателот Вучиќ. Првиот се однесува на финансирањето на овие структури, за што веќе има докази. Второто се однесува на оружјето што се произведувало во воената индустрија на Србија и што државата Србија им го дала на терористите кои го извршиле нападот, третото за обуката што дури ни државата Србија не негира дека ги обезбедила овие терористички групи. Четвртата се однесува на вмешаноста и политичките врски на српската држава со терористите“, рече Османи.
Таа рече дека очекува „конкретни мерки против Србија“ по тој напад на косовската полиција.
„Веќе нема никаков сомнеж, разбирам дека поединечни земји-членки на ЕУ може да имаат свои процедури за потврдување на информациите, но очекуваме дека ќе бидат преземени конкретни мерки штом ќе бидат завршени тие процедури“, рече претседателот на Косово.