Последни изјави и активности на официјална Софија не се во согласност со договорената практика за унапредување на меѓусебните односи, а повлекувањето на бугарскиот амбасадор од земјава, е неоснован чекор, непоткрепен со валидни аргументи, реагира Министерството за надворешни работи.
„МНР со внимание ги следи изјавите и активностите кои доаѓаат од Република Бугарија и со жалење констатира дека последните активности на официјална Софија, не се во согласност со договорената практика за унапредување на меѓусебните односи; напротив, тие претставуваат потклекнување кон провокациите на оние кои сакаат да ги нарушат напорите на двете Влади за стабилен и позитивен развој на односите меѓу двете земји“ – се вели во соопштението од МНР.
МНР посочува дека повлекувањето на амбасадор на консултација во матичната држава е право на земјата испраќач и е редовна дипломатска пракса, но констатира дека ваквиот чекор на бугарската страна е неоснован, непоткрепен со валидни аргументи и непропорционален.
И министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска од собраниската говорница изрази жалење за последните активности од страна на официјална Софија.
– Доколку повлекувањето на бугарскиот амбасадор од Македонија е поврзано со инцидентот кој се случи во Охрид, тоа би го сметал за диспропорционална акција, бидејќи станува збор за индивидуален инцидент за кој државата ги презеде сите можни мерки – изјави Османи.
Тој ја нагласи потребата од деескалација на односите и апелираше да се продолжи ладнокрвно и внимателно.
– Мора да ставиме крај на таквите провокации, но секогаш да имаме предвид дека се тоа групи заинтересирани да ги киднапираат односите поради многу други причини, вклучувајќи и трети страни. И ние и бугарската влада не смееме да потклекнеме под провокациите и намерите на провокатори и киднапери кои сакаат да ни ја киднапираат европската иднина или да го влошат имиџот што го изградивме како држава – рече Османи одговарајќи на пратеничко прашање на денешната собраниска седница.
Република Северна Македонија, како што истакна Османи, покажала силен, демократски и институцинален капацитет и низ брза и ефикасна постапка го ставила последниот инцидент низ правосудните процеси, откривајќи и приведувајќи сторител на кривично дело против кого активно се водат истражни дејствија.