Министерот за надворешни работи Бујар Османи вечерва изјави дека се прават последните подготовки на уставните измени и оти неговите очекувања се дека тие брзо ќе бидат доставени до Собранието.
– Се прават последните подготовки. Јас очекувам да биде тоа брзо. Се сетира тајмингот да биде соодветен односно да ја помогне дебатата и дискусијата. Мислам дека ќе биде клучен момент односно важен момент самото поднесување бидејќи очекувам дека тогаш ќе имаме суштинска дебата по однос на содржината на амандманите – изјави вечерва министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за ТВ Канал 5.
Според него, многу е важен тој момент Владата да ги испрати амандманите и Владата да почне дебата за содржината на амандманите.
– Ако во таа дебата изгубиме односно граѓаните се убедени дека тоа се лоши формулации, тоа е фер. Меѓутоа, ние треба полека да ги тргнеме тие слоеви на пропаганда за да стигнеме до суштината на уставните измени – изјави министерот за надворешни работи.
Она што сега го гледаме за уставните измени, според него, е партиска политика. Османи вели дека граѓаните не ја знаат суштината на содржината на уставните измени.
– Правиме истражување на јавното мислење. Граѓаните се изненадуваат кога се соочуваат со текстот. Најголемиот дел се изненадуваат дека е сосема различно од тоа што го слушаат на телевизија – рече Османи.