Северна Македонија и Франција имаат одлични билатерални односи што траат повеќе од три децении. Соработката и пријателство, што заеднички ги градиме, имаат потенцијал да се продлабочат и да прераснат во стратешко партнерство. Ова беше една од темите на разговор на средбата со францускиот претседател, Емануел Макрон, на која присуствуваа министерот за надворешни работи Бујар Османи и премиерот Димитар Ковачевски.
Средбата се одржа денеска на маргините на ГлобСек Форумот што се одржува во Братислава, Словачка.
Османи на Макрон му пренел дека интензивирањето на политичкиот дијалог помеѓу Северна Македонија и земјите-членки на Европската Унија во последните неколку години има позитивни ефекти за земјата и нејзината позиција во процесот на интеграција. Двајцата соговорници се осврнаа и на францускиот предлог, презентиран од Макрон минатата година.
– Тимови од министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и на Република Франција одржуваат редовни билатерални политички консултации. Динамичниот и континуиран дијалог беше недвосмислено потврден и преку поддршката од Франција за процесот на интеграција на Северна Македонија за време на нејзиното претседавање со Унијата во 2022 година и нејзината понатамошна посветеност за надминување на предизвиците во дијалогот со Република Бугарија – истакна Османи на средбата со Макрон.
На средбата станало збор и за планот на Франција за нејзино поголемо вклучување во зајакнувањето на економската и социјална соработка со Северна Македонија, соработка на полето на безбедноста, борбата против корупцијата и финансискиот криминал како и напредокот на земјава во овие области.
– Во таа насока, Северна Македонија ги исполни најголем дел од обврските од Стратегијата на Франција за Западен Балкан како што се одржување на добрососедски односи, зајакнување на владеењето на правото, како и чекорите што земјата ги презема за целосна економска и политичка стабилизација – истакна Османи на средбата со Макрон.
Покрај за политичката, на средбата, Османи и Макрон зборувале и за соработката помеѓу Северна Македонија и Франција и на полето на образованието, културата како и за зголемување на трговската размена помеѓу двете земји.
Макрон ја поздрави одлучноста на Владата да работи на реализирање на европската агенда и потенцира дека на тој пат ќе продолжи да има силна и гласна поддршка на Франција. Ковачевски и Макрон, информираат од владината прес-служба, се согласија дека сега е момент да се направи јасен исчекор во пристапниот пат и да се овозможи успешно интегрирање на Северна Македонија во ЕУ.