Евроската комисија не носи такви одлуки, односно секоја држава членка на ЕУ носи своја суверена одлука, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи со што практично го демантира министерот за внатрешни работи Панче Тошковски дека ЕУ ги признава нашите старите пасоши со оценка дека станува збор за „погрешна интерпретација“:
– Тоа е лошо интерпретирање, ставот на Европската комисија е дека комисијата не носи одлука која важи за целата Европска Унија, туку тоа е суверено прашање на секоја од државите. Секоја од државите носи одлука сама за себе – рече Османи.
Османи вели дека повеќето од државите засега дозволуваат движење и со стариот пасош доколку е валиден, особено нема пречки за враќање во Македонија.
– Но, на пример, во Босна и Херцеговина не може да се патува со стар пасош ниту со лична карта на која го нема уставното име на државата, а во Швајцарија може, но тие не се членки на ЕУ – рече Османи нагласувајќи дека тој како министер не може државите да ги информира, туку дека тие го информираат нашето МНР, како што тоа го стори Швајцарија со официјална нота.
Затоа, рече Османи, тој не може граѓаните да ги информира каде можат да патуваат со стари патни документи бидејќи нема официјално известување. Тој смета дека е подобро да не се ризикува и ги повика граѓаните во земјата во која се наоѓаат да извадат патен лист за да можат без проблеми да излезат од таа држава.
Османи рече дека нашиот закон не дозволува од Македонија да се излезе со стари патни документи и дека не се можни политичките барањата за итно менување на законот зашто, како што рече, така според Уставот не може да се менуваат меѓународни договори и на тој начин, нагласи, да се залажуваат граѓаните дека може со закон да се врати старото име на државата.
Mинистерот нагласи дека како што тој и МНР ја интензивирале работата во дипломатско конзуларните претставништва за набавка на базни станици и за двосменско работење со цел издавање на пасоши, дека треба да се интензивираат работите и во МВР на тој план.
Министерот Тошковски денеска соопшти дека добил допис од Брисел дека Европската Унија нема да прави проблем доколку граѓани на Македонија треба да патуваат со пасоши со старото уставно име.
„Официјален Брисел има разбирање за проблемот со македонските пасоши, за ова се раговарало на Комитетот за патни исправи на Европската Комисија, но сепак секоја земја поедичено ќе одлучува дали ќе ги прифати старите пасоши на македонските државјани. Со оглед дека само Грција известила дека не ги прифаќа пасошите со старото име на државата, во принцип тоа би значело дека во моментот нашите граѓани може да влегуваат и излегуваат во другите земји членки на ЕУ но со укажување дека конечната одлука за прифажање на старите пасоши е на самата земја членка“, велат од МВР за ТВ 24.