More

    Османи бара алиби за враќање на Груевски

    spot_img

    Ни негови поранешни сопартијци, ни други претставници на опозицијата не веруваат во аргументацијата на Бујар Османи зошто од безбедносен аспект не е добро поранешен премиер да „е во рацете на друга држава“, пред сѐ, поради тоа што таква аргументација доаѓа по цели пет години од бегството на поранешниот премиер Никола Груевски во Унгарија, пишува Катерина Блажевска за Дојче веле.

    „Од политички аспект има едно прашање кое знам дека ќе се злоупотреби, меѓутоа од безбедносен аспект да имате премиер – кој што ви бил премиер повеќе од 10 години и ги имал сите информации на државата – во рацете на друга држава, тоа не е паметно за било која држава”, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи.

    Османи не коментираше дали тој се залага Груевски да се врати, туку рече дека говори само за посочената слабост од безбедносен аспект.

    „Нема никаква иницијатива во тој дел. Најдобро е да биде овде и да се справува со судските процеси коишто ги има. Тоа би било најдобро решение“, рече Османи на ТВ 21.

    Изет Меџити, кој ја напушти ДУИ и го формираше Демократското движење, смета дека токму власта преку неодамнешните законски измени на Кривичниот законик и предлозите на закони за амнестија и за помилување, подготвува терен за враќање на Груевски. Тој вчера праша дали властите се подготвуваат да го вратат Груевски во Скопје на 23-ти октомври, Денот на ВМРО?

    Од владејачката СДСМ ги демантираат шпекулациите за амнестија на Груевски.

    – Никола Груевски, во оној момент кога ќе стапне во нашата држава, ќе издржува казна затвор согласно со конечни позитивни судски пресуди – изјави Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ.

    Поранешниот министер за внатрешни работи и лидер на Демократскиот сојуз Павле Трајанов, образложението на Османи го оценува како алиби за амнестија на Груевски.

    – Натамошниот престој на Никола Груевски во Унгарија, наспроти изјавата на Бујар Османи, не може да се подведе под можни безбедносни ризици и тоа да биде основа за негово враќање во Македонија и заштита на нашите национални интереси. Со политички азил за слободен престој и после 5 години живеење во Унгарија, сега да ја штитите државата од Груевски е апсолутно неприфатливо и не е здраво за државата. Тоа може да се разбере единствено како алиби за можните следни чекори на ДУИ и СДСМ и скриени намери за негова амнестија заради партиско- политички цели – рече Трајанов на прес конференција.

    Тој потсетува дека има и други бегалци од земјата и тоа од поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК).

    – Има и други ‘бегства’ од Македонија, меѓу кои и на двајца припадници на контраразузнувањето, кои и натаму се во Грција, а располагаат со класифицирани информации од висок степен, но Османи не е заинтересиран за нив, ниту пак за други бегалци од правдата. Во суштина, Османи му прави лоша услуга на Груевски, со тоа што наводно преку неговото враќање ќе ги заштити интересите на Македонија. За некој да ‘продава’ информации на странските служби, мала улога игра тоа дали е овде во Македонија или е во странство. Тоа пред се зависи од цврстината на неговиот карактер и лојалноста кон својот народ и држава – вели Трајанов.

    Според него, со изјавата на Османи сега се отвораат и други прашања, вклучително и тоа дали има некој од државниот и политичкиот врв кој со своите активности ја загрозува националната безбедност на Македонија.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img