Ажурирајте ги навреме личните податоци и пазете каде ги споделувате, не откривајте лозинки и други информации за вашите сметки, внимавајте каде ја приложувате личната карта, пријавете ако ја изгубите и бидете свесни за вашите права. Ова се само некои од препораките на кампањата за финансиска едукација на населението што ја организираат финансиските друштва. Кампањата почнува денеска и освен на зголемување на свеста на граѓаните за заштита на личните податоци, се однесува и на одговорното кредитирање.
Како што беше речено на прес-конференција во Стопанска комора, злоупотреби на личните податоци има и тие се случуваат најчесто од блиски луѓе во кругот на семејството. Сепак, бројот на злоупотреби минатата година бил многу мал во однос на исплатените кредити од финансиските друштва.
Според претседателот на Групацијата на финансиски друштва при Стопанската комора, Никола Јошевски, луѓето најчесто земаат средства од финансиските друштва кога им е тоа итно и најпотребно. Притоа, 10 – 15 отсто од средствата кои се подигнуваат се за лекување.
– Не секој може да има ваша лична карта, ваша трансакциска сметка или пин од вашата картичка. Затоа, злоупотребата најчесто се случува од блиски луѓе и иако е мал бројот на злоупотреби, се работи всушност за луѓе со свои идеи и желби, луѓе кои се разочаруваат во системот зашто како „гром од ведро небо“ се соочуваат со проблем од типот – треба да враќаат пари кои никогаш не ги виделе. Колку и да е мал тој број, да се потрудиме да го сведеме на минимум. Затоа ја покренуваме оваа кампања. Јавноста не е целосно и точно информирана за активностите на финансиските друштва, а незнаењето реперкуира со носење погрешни одлуки. Оттука, планираме серија обуки и едукативни настани за да имаат корист не само нашите клиенти, туку и за да ги исправиме искривените перцепции што ги има пошироката јавност за нашата работа и за нашата улога во финансискиот еко систем – рече Јошевски.
Тој најави едукација и обуки и за вработените во финансиските друштва со цел, како што истакна, засилување на мерките за заштита и одговорно кредитирање на клиентите.
Финансиските друштва во земјава зафаќаат до два отсто од вкупната актива на финансискиот систем, а вработуваат околу 1.300 млади луѓе и оваа година ќе платат над 10 милиони евра даноци кон државата.
– Изминатата деценија е евидентна експанзијата на финансиските друштва. Зголемен е нивниот број, а во пораст се и бројот на издадени кредити, како и износот на новосклучените договори. Според Народната банка, заклучно со 30 јуни 2023 година, вкупната кредитна изложеност на граѓаните и фирмите во земјава била седум милијарди евра, а изложеноста кон финансиските друштва 140 милиони евра или само два отсто од вкупната кредитна изложеност – информира Антонета Манова Ставреска од Стопанската комора.
Комората најави серија прес-конференции за кампањата за поголема финансиска едукација на населението.