Унгарскиот премиер Виктор Орбан оцени дека Украина нема да може да победи во конфликтот со Русија и укажа на неподготвеноста на НАТО да распореди војници на украинска територија.
„Ако погледнете како стојат работите во реалноста – бројките, ситуацијата воопшто и фактот дека НАТО не сака да испрати свои војници во Украина – јасно ќе видите дека кутрите Украинци нема да можат да постигнат победа на бојното поле. “, рече Орбан, обраќајќи се на јавната дебата на Катарскиот економски форум денеска во Доха.
Неговиот коментар дојде како одговор на прашањето дали мисли дека Украина нема шанси за успех.
Говорот на Орбан во Доха, кој за малку ќе се претвори во интервју со модераторот на форумот, беше пренесуван во живо на Фејсбук страницата на унгарската влада.
На прашањето за конфликтот во Украина, унгарскиот премиер повтори дека Будимпешта се залага за мирно решение од самиот почеток на конфликтот и дека постојано повикува на итен прекин на огнот, пренесува ТАСС.
„Мораме да размислуваме како да ги спасиме животите на луѓето. Тоа е мојот став“, изјави Орбан.