Општина Делчево официјално прогласи природна непогода од поплави и град.
На денешната вонредна седница општинскиот Совет на Делчево била донесена одлука за формирање комисија за проценка на штетите која ќе ја применува методологијата за процена на штети од природни непогоди и други несреќи. Дополнително, донесена е одлука за објава на јавен повик преку кој граѓаните ќе се информираат за постапката за пријавување штети настанати од силното невреме што вчера го погоди градот.
Одлучено е Комисијата да соработува со надлежните државни органи, научно-стручни институции, а по потреба да ангажира и експерти од соодветната област по претходно добиена согласност од градоначалникот на Делчево.
– Комисијата е должна да изработи извештај за процената на штетите во вид на елаборат согласно методологијата и да го достави до Советот на Општина Делчево на разгледување и усвојување и до Владата на Република Северна Македонија. Ова решение влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во ‘Службен гласник на Општина Делчево’ – изјави претседателот на Советот на Општина Делчево, Гоце Попов.
Во вчерашното невреме поплавени беа голем број куќи, а на санирање на штетите уште доцна синоќа, освен пожарникарите од Делчево, работеа и пожарникари од Кавадарци, Кочани, Берово и Македонска Каменица, кои се одѕваа на повикот на градоначалникот на Делчево и помогнаа во справување со последиците од невремето
Санирањето на штетите од невремето кое вчера го зафати Делчево, продолжи и денеска. Утринава се испумпува водата од подрумите на жителите кои се поплавија по силното невреме со пороен дожд, грмежи и град.